Јанушев до Николовски: Дали вашиот брат преку фирма наплаќа готовина без фискална сметка?


На денешната собраниска седница, Игор Јанушев, пратеник од редовите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ  го праша  вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, дали знае дека неговиот брат преку фирма наплаќа готовина без да издава фискална сметка, а при тоа крши закони.

„ Плаќање во готово без издавање на фискална сметка и фискални уреди не се дозволени со законот. Прашањето, господине вицепремиер за корупција, ми е дали имате информација дека фирмата на вашиот брат овозможува, спротивно на законот кој што го цитирав, плаќање без да се издаде фискална сметка“, го запраша Јанушев Николовски.

Николовски му реплицираше дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со ширење лаги и невистини, но на сопствена штета бидејќи таквото однесување ги  води до порази. Тој го повика ако има докази да ги предаде на институциите за да постапуваат. Тој ги отфрли како неточни тврдењата на Јанушев и дека истата фирма блиска до него добивала тендери од државата и остварувала високи профити.

–  Продолжувате со исто темпо и навики. На СДСМ му одговара, што немате концепт понуда и конструктивност, а продолжувате со лагите. Лажевте дека братот на Љупчо Николовски е вработен во царина и цела година го правевте тоа, па дека чичко му го вработил во МНАВ, а Љупчо не бил роден кога чичко му работел во М-НАВ , па како може нероден човек да вработи или ургира. Продолжувате со низа лаги и конструкции, му припишувате сопственост на успешни компании во Крива Паланка. Ако за она што денеска го зборувате имате каков било документ или докази слободно дадете ги на институциите – УЈП, ЈО и сите други надлежни, рече Николовски.

Вие, додаде тој, десет дена зборувате за некаква фирма на братот на Љупчо Николовски во 2017 и 2018 година, а тој не бил ни вработен во таа фирма, тој 15 години работи во друга шпедиција, 15 години професионално работи во приватни шпедиции и тоа му е основна егзистенција.

Според Николовски, неточни се тврдењата дека поради тоа што наводно е негов брат, таа фирма добивала тендери и имала раст од 2100 проценти во време на пандемијата. За неколку денови, рече тој, ќе има завршни сметки и видете каква е вистинската состојба.

– Продолжувате со лаги дека добивала државни тендери. Таа фирма нема добиено ниту еден денар на државен тендер, на ниту една постапка од државна фирма или слично. Помина и познато ни е времето кога преземавте фирми, кога уценувавте, кога се формира наменски фирми во секоја општина за да правите бизниси со државата. Тоа го правевте со години, а сега зборувате за фирма која има 40 години традиција, рече вицепремиерот Николовски.

Вицепремиерот нагласи дека е горд што сите членови на неговото семејство работат приватно или земаат пензија и што, како што рече, не злоупотребуваат ниту денар од државата, како и дека тој ги донира своите дневници таму каде е потребно.

– Помина времето кога праќавте инспекции или преземавте фирми. Вие тогаш изнајмувате автобуси од ЈСП на ВМРО-ДПМНЕ по пониски цени, склучувавте криминални договори за маркетинг, набавувате автобуси со милиониски провизии и вие сега имате образ да зборувате за криминал или корупција, рече Николовски обраќајќи му се на Јанушев.

Јанушев  презентираше фотокопија на некаква каса-прими од која не може да се види ништо, за која тврдеше дека е од фирма што е во сопственост на братот на Николовски. (Н.В.)