Јанша дообјаснува како дошло до помошта на Словенија


Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, на Твитер соопшти како дошло до испорачување на помошта за Македонија во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. И дека лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, му се јавил на телефон, при што зборувале за кризата со корона вирусот.

„Веднаш по повикот од Христијан Мицкоски, кој ја извести Владата на Република Словенија за крајно лошата состојба во Македонија со корона вирусот, ги поврзавме Министерството за одбрана на Словенија и Министерството за внатрешни работи на Македонија и во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, испративме помош на пријателска држава. Во исто време, лично повикав некои од лидерите во ЕУ да не ги забораваат државите од Западен Балкан“.

Мицкоски му кажал на Јанша дека ситуацијата во Македонија со корона вирусот е „крајно лоша“. Но според податоците на официјалните институции во двете држави, кои имаат ист број на население, Словенија има и повеќе потврдени инфицирани и повеќе починати. Според денешните податоци во Словенија има 997 регистрирани случаи на корона вирус, 28 починати и 79 излечени, додека во Македонија пред објавувањето на денешниот биланс има 483 заболени, 17 починати и 20 излечени.

Министерство за одбрана на Словенија на својот официјален сајт напиша дека помошта е испорачана со авион на словенечката војска. „Со тоа, Словенија во духот на меѓусебна солидарност се одзва на барањето на Северна Македонија, за хуманитарна помош преку механизмот на Европска Унија во рамки на цивилната заштита со цел спречување на ширење на болеста Ковид-19“, пишува во официјалната информација на МО на Словенија.

Слична порака беше испратена и на Твитер профилот на Министерството за одбрана на Словенија и уште беше додадено „Ние сме НАТО, ние сме сојузници“.  (Н.В.)