Јанша: Билатералните спорови ќе се решаваат паралелно со преговорите со ЕУ


Јанез Јанша, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата по завршувањето на самитот

Немањето одлука да започнат преговорите со Северна Македонија и со Албанија го урива кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот, изјави Урсула фон дер Лајен по завршувањето на самитот

 

Билатералните прашања ќе се решаваат паралелно со преговорите за членство во Унијата, а европската перспектива на регионот не е под прашалник – се двете клучни пораки од самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа денес во Брдо кај Крањ, кој го следеа мали очекувања.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, порача на прес-конференција дека Западен Балкан има стратегиско значење за ЕУ и дека со силна дефиниција лидерите ја реафирмирале европската перспектива на регионот и желбата да работат на прогрес во проширувањето. Околу билатералните спорови тој рече дека има конфликти што останале од историјата, од минатото, околу малцинствата, за што имале голема дебата и дека сакаат да видат прогрес, при што презеле обврска да го охрабруваат и олеснуваат решавањето на тие прашања повикувајќи ги засегнатите страни да донесат политички одлуки. 

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, рече дека пораката на ЕК е јасна – дека Западниот Балкан е дел на ист регион како и ЕУ. Според неа, немањето одлука да започнат преговорите со Северна Македонија и со Албанија го урива кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот. Затоа, рече таа, е важно да има придвижување и појаснување на тој процес, дека интензивна работа е завршена од страна на ЕК за да ги открие клучните прашања меѓу двете земји, дека тоа е „пет плус еден“ прашање, за да се осигура дека ќе стигнат до патоказот како практичен начин да се реши проблемот. „Разговаравме дека дијалогот, желбата да се решат тешки и проблематични прашања е основа на европскиот дијалог и затоа сум уверена дека прашањето ќе се реши“, рече таа.  

Околу проширувањето таа ги повтори, па и засили пораките што ги даде за време на турнејата во регионот. 

„Споделуваме иста историја, исти интереси, вредности и длабоко сум уверена и иста судбина. Моја задача е да го унапредам процесот на проширување и да остранам секакво сомнение дека наша цел е токму тоа“, порача Лајен, додавајќи дека доказ за тоа е што делот со кој се потврдува европската перспектива на регионот е на самиот почеток на декларацијата. Таа ги најави 9-те милијарди евра финансиска помош на регионот, со порака дека нивниот фокус сега е на развој на регионален пазар, како клучна придобивка од овој проект. 

Таа рече дека ја разбира фрустрацијата околу должината на процесот, но како решение посочи дека треба да се завршат реформите, особено околу правдата, борбата против организираниот криминал, медиумските слободи и економските реформи. Притоа, го  спомена договорот меѓу Косово и Србија минатата недела како одлична порака за регионот, дека и во тешки ситуации може да се најде решение. 

Премиерот на Словенија Јанез Јанша рече дека ова е пресвртен самит по тој во Солун, бидејќи имало многу паралелни процеси кои овозможиле проширувањето да биде стратегиски одговор. Не е тајна, додаде тој, дека за време на подготовките на самитот Словенија настојуваше да се спомене и временска рамка за проширувањето, но таа не е дел од декларацијата, но затоа е вклучен зборот „проширување“ . 

Според него, на самитот се одржале повеќе билатерални средби за повеќе прашања.

„Едно е јасно – ако сакаме да ја материјализираме европската перспектива на регионот и ако сакаме таа да е поттик за реформи, треба да се случат три процеси: европските  институции да го следат процесот за да биде ефикасен, отворените прашања да се решат меѓу Србија и Косово и Северна Македонија и Бугарија и паралелно да тече преговарачкиот процес кој ќе доведе до нивно забрзување и олеснување. Рамката за проширување треба да биде над овие специфични прашања, како регистерските таблички на Косово, на пример“, порача Јанша, бидејќи ако не е така секоја недела ќе се соочуваме со друго спорно прашање. 

Претходно канцеларката Ангела Меркел изјави дека учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан се согласиле дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европа, но дека таа не поддржала давање фиксен датум на државите од Западен Балкан за нивно пристапување кон Унијата.

„Не поддржав да им се даде фиксен датум на земјите од Западен Балкан за нивно пристапување во Европската унија, истакна Меркел на самитот. Според неа, одредување датум би ја ставило ЕУ под притисок, без оглед дали Западен Балкан ги исполнил условите или не. Таа, исто така, изрази надеж дека проблемите околу блокадата на пристапните преговори на Македонија можат да се надминат. (Н.В.)