Јанмат: Владата презеде мерки како оние во ЕУ


Владата на Северна Македонија презеде мерки за справување со последиците од Ковид-19, слични на оние што ги презедоа земјите-членки на ЕУ, како што се кредити за претпријатијата, одложување на плаќањето даноци, субвенции за април и мај. Сето ова и овозможува на економијата ликвидност, задржување на работни места и намалување на ризикот од банкрот на компаниите. Во оваа смисла тие се логични мерки, слични на оние во ЕУ.

Ова на брифинг со новинари го изјави Фрек Јанмат, шеф на Економскиот оддел при Делегацијата на Европската комисија во земјава, презентирајќи го извештајот за економските прогнози на ЕК за Северна Македонија.

Во извештајот, како што посочи Јанмат, се вели дека по забрзувањето на економскиот раст во 2019, економските изгледи значително се влошија како резултат на пандемијата со Ковид-19. Надворешната побарувачка е тешко погодена од прекините во трговијата, а локалните рестрикции ја забавуваат домашната побарувачка.

– Растот на економијата беше 3,6 проценти во 2019 година, но ова беше тешко нарушено во март со избивањето на пандемијата што предизвика масовно затворање на економијата, прекини во трговијата и сето тоа доведе до проекции со кои предвидуваме негативен раст од 3,9 проценти, вели Јанмат презентирајќи ги прогнозите на ЕК.

Кризата ја погоди земјата во време кога фискалниот простор е ограничен и кога големи долгови треба да се отплатат во 2020 и 2021. Според проекциите, очекуваниот пад на приходите во 2020 ќе го зголеми нивото на долг, повеќе од она што е проектирано и очекувано. Во зависност од тоа колку ќе траат рестрикциите и колку строги ќе бидат, соодносот на долгот може ќе се стабилизира на нивото кое било во 2019 дури по 2021 година, велат проценките на ЕК.

– Наглиот пад на јавните приходи и фискалните мерки за ублажување на ударот од кризата ќе доведат до значително покачување на јавниот дефицит и долгот во 2020. Според најреалистичното сценарио, кое се базира на постепено олеснување на рестрикциите и закрепнувањето на странската побарувачка, економијата би започнала да заздравува во втората половина на годината и да продолжи со тој тренд во 2021, рече Јанмат презентирајќи го извештајот.

Во однос на вработувањата, во извештајот на ЕК се наведува дека креирањето работни места беше доста големо во 2019, а стапката на невработеност се намалуваше, во 2020 ќе има пресврт. Запирањето на работата на некои компании доведе до принудни годишни одмори и кратење на платите. Прогнозите, според извештајот се, дека додека лани стапката на невработеност беше 17,3 отсто, оваа година ќе изнесува приближно 18,1 проценти.

Во извештајот за прогнозите на ЕК за Северна Македонија се наведува и дека доколку корона-кризата трае и во летниот период, тоа ќе доведе до остар пад на вработеноста, намалување на приходите и трошењата, како во домаќинствата така и во Владата.

Во однос на тоа дали ситуацијата со корона-кризата ќе предизвика тешки ефекти врз македонската економија, Јанмат вели дека одговорот на тоа прашање зависи од тоа колку ќе трае оваа ситуација.

– Се надевам дека постепено ќе можеме да се вратиме на понормална ситуација. Гледам дека бројот на случаи не се зголемува толку брзо, дури и се намалува, така што ќе видиме, не сакам да шпекулирам, изјави Јанмат.

На прашањето дали е вистинско време да се направи ребаланс на Буџетот, да се скрати од расходите, и какво е мислењето за платите во јавниот сектор, тој вели оти тоа е одлука на Владата.

– За ребалансот и за платите во јавниот сектор тоа зависи од тоа како ќе одлучи самата Влада, тоа е нивна политичка одлука. Ние видовме дека Владата веќе направи во рамки на фискалната рамка пренамена на средства, од една буџетска ставка во друга, за да се справи со последиците од корона-кризата. Но, Владата ќе одлучи доколку продоложи кризата, ќе биде неопходен ребаланс на буџетот, вели Јанмат.