Јанкуловски: „Земам брисеви од новороденчиња поради вашата себичност и неверување во корона вирусот“


Денис Јанкуловски е еден од оние кои зема брисеви на сомнителни случаи на корона вирус. Тој на својот профил на Фејсбук објави дека во последните два дена земал брисеви од 13-дневно и 7-дневно бебе, додека други не веруваат дека вирусот навистина постои.
 
„Вие сè уште не верувате дека вирусов постои, вие убедувате дека сè е лага, измислица, завера и што знам што уште не, а јас заради вашето неверување и непочитување, заради вашата себичност, нечовечност, заради вашата неодговорност во два дена земам брисеви на 13-дневно (да, да, ДНЕВНО) и 7-дневно (и пак, да и да, ДНЕВНО) бебе.
Неколкудневни бебиња, дечиња како маченца и кученца.
Па објаснете ми тогаш со што овие две мали прцулчиња, две мали кебапчиња, две мали прекрасни ангелчиња кои се уште не пркнале како што треба, сè уште не го вдишале целосно животот, кои гледајќи ги со уште замижани очиња ми беше премногу жал што морам да ги малтретирам за брис да им земам но и покрај емоциите сепак здравјето е пред сè па уште така мали, ранливи го осетија она неубаво чувство на брис од грло и брис од мало, малецко носе…….. заради вас. Да, да, лутете се колку сакате, плукајте и понатаму, навредувајте ама пак ќе кажам јасно и гласно:
ЗАРАДИ ВАС! Вие кои сте нечовечни од сите вери и религии, од сите националности, од сите убедувања, од сите делови од држава.
Е токму за овие глувчиња и можеби и некои други ним по возраст слични да ми објасните со што заслужиле вака да го почнат животот и да бидат евиденција заради вас и вашата будалија?
Не знам што да кажам, навистина, па уште приказнава со докторкава и нејзиното лажење. Не сакате ништо да правите за себе, а не знам дали некогаш ќе разберете дека покрај себеси вие правите штета и на другите. На тие што ви се дома, на тие со кои се дружите и работите, на тие што ги сакате ама и на тие што ги мразите. Значи РАЗБЕРЕТЕ дека влијаете на сите.
Ова ќе потрае, во која форма ни јас не знам. Ама знам дека ќе посетуваме насекаде низ градов и на секоја возраст. Ок, вас баш ве заболе за мене и за сите останати здравствени работници. Ако не нас, тогаш размислете барем за вас и вашите. Сакате да се тегнеме уште месеци и месеци, да викате дека нема корона, не постои а вашите да седат дома?
Не разбирам и покрај сите мои необидувања за рабирање на вашите корона логики зошто вакво однесување?
Пак ќе речам, оние малине гореспомнатине ангелчиња со ништо не заслужиле вака да започнат да чекорат низ животот.
Џабе вие викате дека нема корона, од викање не поминува. Поминува со совесност, со трезвено размислување и реагирање, поминува со умна глава и средени мисли. Поминува со свест.
И покрај вашево необјасниво однесување, па и покрај вашето непочитување на се она што сите здравствени работници но и сите оние други кои почитуваат и прават се за што побрзо да се средиме, ние ќе продолжиме да се космонаутираме, тоа знајте, нема да оставиме ниеден да не биде посетен.
Ама имајте милост кон вашите!!!!!!“, напиша Јанкуловски.