Јанкулоска оди во затвор, одлучи Врховен суд


Врховниот суд ја потврди пресудата за случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес со кој експремиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и бившиот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски се осудени на затворски казни.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година, одлучи по предметите заведени под кои се оформени по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје”, соопштија од Врховниот суд.

Според пресудата на Апелација, Груевски е осуден на две години затвор, a Јанкулоска и Поповски на 4 години. Основниот кривичен суд првично ја осуди Јанкулоска на 6 години, а Поповски на 6 години и 6 месеци, но тие казни беа намалени од Апелација чија одлука е правосилна.

Ваквата одлука на Врховен значи дека сега ексминистерката ќе треба да добие упатен акт за да замине во затвор да ја издржува казната. Таа досега во неколку наврати го одложуваше заминувањето во затвор. Прво, поради тоа што имаше бебе помало од една година, а потоа и поднесе барање за вонредно преиспитување на пресудата, па Врховниот суд одлучи таа да не оди во затвор додека не одлучи за нејзиното барање.

Адвокатите на Груевски во барањето навеле дека Апелациониот суд одлучувал за дело што застарело, односно дека апсолутната застареност настапила при телефонскиот разговор на Груевски со Јанкулоска, или при исплатата на „мерцедесот“, а не потоа. Ги оспоруваат и „бомбите“ како доказ, а приговараат и на начинот на водењето на записниците и изведувањето на доказите.

Ова е првиот предмет на СЈО за кој се преиспитуваат донесените правосилни пресуди.