Јанкулоски: Моделот на дисперзија на третманот на зависности да продолжи во повеќе општини


Начелно постигнат е консензус и согласност дека процесот на дисперзија на програмата за третман и превенција на зависности од дневниот Центар во Кисела Вода, во поликлиниките во Аеродром, Ченто, Бардовци и во болницата „8 Септември“, треба да продолжи на територијата на цело Скопје, изјави за МИА, Христијан Јанкулоски, долгогодишен експерт за политика за дроги, кој попладнево присуствувал на средбата на министерот Венко Филипче со градоначалниците на Гази Баба и на Кисела Вода, Борис Георгиевски и Филип Темелковски, директорот на Психијатриската болница Скопје, Ќамил Ковачи, претставници на општините Аеродром и Карпош, поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски и здруженија на граѓани.

Посочи дека ќе се оди чекор по чекор и дека треба да бидат земени предвид земени мислењата на сите заинтересирани страни, граѓани, клиенти, здруженија, како и на експертите, општините и на Министерството, за да има квалитетна и успешна програма.

– Сега кога треба да се работи на информирање на граѓаните тоа ќе значи дека нема да ја има истата слика што ја гледаме секој ден во Кисела Вода. Таму има огромен број пациенти и самиот капацитет на болницата и персоналот не може да ги опслужи сите луѓе. Ќе ги земеме европските искуства, домашните искуства што се од Струмица, од другите градови, од Градска општа болница „8 Септември“, каде е направена дисперзијата. Имаме добар модел каде третманот функционира. Зборуваме за третман што ќе ги има сите аспекти на поддршка, лекување, рехабилитација и сите заинтересирани страни ќе дадат поддршка на ваквиот модел, додаде Јакулоски.