Јанкулоска спроведена во „Идризово“ на издржување на казната затвор од 4 години


Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, денеска попладнево е спроведена во затворот „Идризово“ за да ја издржи затворската казна од 4 години за набавката на блиндираниот „мерцедес“ во случајот наречен „Тенк“ што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство.

Откако Врховниот суд на 18 септември ја потврди оваа пресуда само се чекаше денот кога Јанкулоска ќе биде спроведена во затвор. Одлуката, т.е. упатниот акт од судијата за извршување санкции стигна денеска. Упатниот акт на Јанкулоска ѝ бил врачен во нејзиниот дом во зградата спроти МВР. Од полицијата изјавија дека ја спровеле во затвор по наредба на судот.

Од Кривичниот суд велат дека за Јанкулоска е во сила упатниот акт пред таа да побара вонредно преиспитување од Врховниот суд пред година и пол. Судот само издал наредба таа да биде однесена во затвор.

Јанкулоска беше осудена на шест години затвор, но Апелацискиот суд ѝ ја намали казната на 4 години. За истиот случај осуден е и Никола Груевски на две години затвор, но избега во Унгарија неколку дена пред да заврши зад решетки.

Освен нив за набавката на луксузниот мерцедес беше осуден и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, кому Апелацискиот суд му одреди казна од четири години.

Јанкулоска е првиот министер од поранешната влада која заминува во затвор во случаите што ги отвори СЈО. Јанкуловска е обвинета и во два други предмети на поранешното СЈО – „Таргет-Тврдина“ и „Титаник“. (Н.В.)