Јанкулоска се спаси исто како Бучковски?


Пред конечната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, една од главните претпоставки беше дека во последен момент, Врховниот суд ќе го спаси, но списите на предметот „Тенк“ не стигнаа до највисокиот суд, а поранешниот премиер избега во Будимпешта каде што доби азил. Откако поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска беше правосилно осудена на четири години затворска казна и требаше да оди во затвор на 1 јули, неколку дена пред рокот, Врховниот суд ѝ го прифати барањето за одложување на казната. Затворот се одложува на неопределно време, односно додека Врховниот суд не одлучи по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.

Конкретна причина зошто Јанкулоска барала одложување на затворот нема. Од Врховен суд велат дека тоа ѝ го дозволува општа одредба од Законот за кривична постапка.

„Има редица такви случаи во кои Советот за да не биде под временска стега за одлучувањето за преиспитување на правосилната пресуда одлучил да се одложи извршување на казната. Има можност, ако дојде до потврдување на пресудата со самото тоа се укинува решениет за одлагање, ако се укине пресудата беспредметно е веќе, затоа што нема основ за извршување“, велат од Врховниот суд.

Оваа одлука на Врховниот суд нѐ враќа назад, кога поради истата оваа причина му беше одложен затворот на поранешниот премиер Владо Бучковски, на кого иако му се судеше со години и имаше многу пресуди, сѐ уште е на слобода.

Од Врховен велат дека дека во 2016 година, највискиот суд донесе пресуда со која го уважи барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда и ги укина двете пресуди за Бучковски.

„Состојбата со одложувањето траеше неколку месеци во 2016 година, од одложувањето на извршувањето на затворската казна до одлучувањето на Врховниот суд“ велат од судот.

Судењата беа вратени во Кривичниот суд, но уште нема правосилна пресуда за Бучковски.

Кога Врховниот суд ќе одлучува за случајот со Јанкулоска не може точно да се предвиди, но велат дека неминовно ќе биде ставен на дневен ред, штом е земен да се работи.

Вакво барање има поднесено и поранешниот премиер Никола Груевски, но Врховниот суд уште нема одлучувано за него. Сепак со самото тоа што Груевски е во бегство, не може да се одложува извршувањето, додека третиот осуден во овој случај кој е единствено во затвор, поранешниот помошник министер, Ѓоко Поповски не ни поднел барање за одложување. Сепак, Врховен има можност да ја укине потврди или преиначи пресудата за „Тенк“.

Врховниот суд со месеци не можеше да одлучува за барањето на Груевски бидејќи списите за предметот, беа во Апелацискиот суд каде се одлучуваше за Јанкулоска, за која имаше раздвоена постапка поради бременоста.

Неколку месеци откако почнаа судските процеси против поранешната министерка, таа остана бремена, а нејзината казна првично беше одложена бидејќи има мало бебе.

Фросина Факова – Серафиновиќ