Јанкулоска не е во бегство – порачува дека нема потреба од спектакли


Откако вчера, Врховниот суд ја потврди пресудата за случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес со кој експремиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и бившиот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски се осудени на затворски казни, се прошири информација дека Јанкулоска е во бегство.

Но, таа, на нејзиниот Фејсбук профил објави дека е дома и нема намера да бега.

„Нема потреба од спектакли, опсада на зградата во која живеам, вознемирување и претресување на соседите. Ако некој ме бара јас сум дома и на крај памет не ми паѓа некаде да бегам. Ништо не е поскапоцено од секој момент поминат со семејството.“, напиша Јанкулоска.

Објави и фотографија од полициско возило пред нејзиниот дом.

Инаку од полиција велат дека до нив се уште не е стигната наредба за спроведување на Гордана Јанкулоска.

„Преземаме стандардни полициски оперативни мерки и активности, а се уште од судот немаме добиено никаква наредба за спроведување на Гордана Јанкулоска. Кога ќе добиеме соодветна наредба од судот, ќе постапиме по истата. За сите други информации надлежен е судот“, велат од полиција.

Според пресудата на Апелација, Груевски е осуден на две години затвор, a Јанкулоска и Поповски на четири години. Основниот кривичен суд првично ја осуди Јанкулоска на шест години, а Поповски на шест години и шест месеци, но тие казни беа намалени од Апелација чија одлука е правосилна.

Ваквата одлука на Врховен значи дека сега ексминистерката ќе треба да добие упатен акт за да замине во затвор да ја издржува казната. Таа досега во неколку наврати го одложуваше заминувањето во затвор. Прво, поради тоа што имаше бебе помало од една година, а потоа и поднесе барање за вонредно преиспитување на пресудата, па Врховниот суд одлучи таа да не оди во затвор додека не одлучи за нејзиното барање.

https://www.facebook.com/jankuloskagordana/posts/10157175165651682