Јанко Бачев му честиташе реизбор на сирискиот диктатор Асад


 

Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, испрати телеграма со честитка до Башар ал – Асад  по повод победата на изборите во Сириската Арапска Република.

-Единствена Македонија придава големо значење на соработката со Сирија, а заложбата за нејзино остварување претставува посебен интерес за Единствена Македонија, македонскиот народ и поголем дел од малцинствата во Македонија.

Република Македонија никогаш нема да го заборави исклучиво пријателскиот чекор на Сирија од 24 септември 2010 година со признавањето на Република Македонија под уставното име и притоа за време на 65-тото заседание на Генералното собрание на ООН,  во седиштето на Обединетите нации беа воспоставени дипломатски односи меѓу Република Македонија и Сириската Арапска Република на амбасадорско ниво.

Во нашите 30 години самостојност и сувереност, народот на Македонија е особено благодарен на пријателскиот народ на Сирија за почитување на нашето име, идентитет, историја, традиција, територијален интегритет, суверенитет и унитарност.

Вие сте на чело на вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и нов поредок. Овие предизвици во моментот силно се рефлектираат на Вашата држава, но, исто така и врз мојот народ и мојата држава каде инсталирана марионетска власт брише се што е македонско. За таа цел, Единствена Македонија ќе ги поништи антимакедонските договори, со што повторно ќе биде воспоставена меѓународната реалност со меѓународно правно признатото право да го носиме името Република Македонија, под кое не призна и Сирија.

Резултатите од гласањето на изборите во Сирија ја покажаа високата доверба и целосно го потврдија вашиот висок политички авторитет и довербата на народот на Сирија во вашето водство за стабилизирање на ситуацијата во Сирија.

Република Македонија секогаш ќе стои рамо до рамо со Сирија и ќе дава целосна подршка во борбата против силите на тероризмот како и решавање на конфликните ситуации во согласност со меѓународното право. Сакам да ве уверам дека македонскиот народ, како докажан пријател на вашата нација со која споделуваме заеднички вредности втемелени на традиционализмот, ќе продолжи да ги подржува вашите и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за национален и религиски идентитет на нациите, правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот, стои во честитката на Бачев чија партија важи за една од ретките во земјата што се под руско влијание.  

Изборите, за кои честита Бачев, беа отфрлени како фарса од страна на сиријската опозиција , додека американските и европските фактори оценија дека тие ниту беа фер, ниту слободни. Со изборите Асад доби четврди мандат, порачувајќи дека  мислењето на Западот го множи со  „нула“.

Сирија е уништена од конфликтот што избувна откако владата на Асад одговори со оган на ирните продемократски протести во март 2011 година. Војната остави досега најмалку 388.000 мртви и предизвика половина од населението да ги напушти своите домови, вклучувајќи скоро шест милиони бегалци во странство.