Јани Бојаџи нов директор на ТВ Алфа


Режисерот и продуцент Јани Бојаџи поставен е за директор на телевизијата АЛФА СКОП ДОО, откако на Васко Ефтов му истече едногодишниот менаџерски договор, соопшти сопственикот на телевизијата.

„Менаџментот донесе одлука за нов управител да биде именуван Јани Бојаџи, познат македонски режисер и продуцент, за кој се надеваме дека со својот квалитет и професионално искуство ќе постигне големи успеси и натамошен развој на телевизијата“, стои во нивното соопштение.
Како што соопшти АЛФА СКОП, направена е анализа на досегашната работа на телевизијата во која се дава позитивна оценка за работата на Ефтов.
„Сметаме дека со неговата работа постигна многу успеси кои во иднина треба да се надградуваат. Тој беше целосно вложен и ангажиран за стабилизација пред сѐ, но и развој на телевизијата во изминатата година“, стои во соопштението.