Јанез Јанша и официјално е мандатар за состав на новата словенечка Влада

Со 52 гласови „За” словенечкото Собрание го изгласа Јанез Јанша за нов мандатар за состав на Влада.

Гласањето беше тајно, а беше по предлог на претседателот на државата Борут Пахот, откако по состаноците со парламентарните партии беше јасно дека е формирана нова мнозинска коалиција меѓу СДС (Словенечка демократска партија), СМЦ (Партија на Модерен Центар), ДеСУС (Демократска Партија на пензионерите во Словенија) и НСИ (Нова Словенија).

„Нема да губиме многу време и веднаш по формирањето на Владата ќе се зафатиме со решавање на проблемите на граѓаните“, изјави Јанша по гласањето.

На гласањето му претходеше и собраниска дебата во која пратениците од новата коалиција го поддржуваа Јанез Јанаш за нов мандатар, а другиот блок партии беа категорично против.

Пратениците на ЛМШ (Листа на Марјан Шарец) кажаа дека помалите коалициски партнери на СДС се виновни што според нив, Словенија добива популистичка Влада и дека го прекршиле своето ветување дека никогаш нема да направат коалиција со СДС и Јанша.

Од ДеСУС изјавија дека треба да и се даде простор да ги убеди граѓаните дека ќе работи за нивно добро и се убедени дека новата Влада позитивно ќе изненади.

Јанша сега има законски рок од 15 дена да ја состави новата Влада. Словенечките медиуми информираат дека тој нема да чека две недели, а новиот владин состав ќе го објави веќе на почетокот на следната недела.

Новата Влада ќе има мандат од две и пол години, што е периодот до следните редовни парламентарни избори.