Јаневска: Сите деца кои имале образовен асистент, денес ќе го имаат


Денеска, на почетокот на учебната година, 815 образовни асистенти ги потпишуваат договорите за вработување и можат да почнат со работа, а  дополнително се обезбедуваат уште 200, за кои ќе треба да се почека барем две недели, тври министерката за образование весна Јаневска. 

Договорите на досегашните образовни асистенти им истекоа на 31 август, затоа што се потпишуваат на една година, но од Министерството за образование решиле тие денеска да ги потпишат договорите за продолжување на работните обврски на асистентите и веднаш да почнат со работа. За оние 200 што фалат, денеска е објавен конкурс, кој трае пет дена, а потоа следуваат две недели обука.

– 815 образовни асистенти денеска ги потпишуваат договорите и можат да почнат со работа, за оние 200 за кои немаше обезбедено средства, ние ги проектиравме дека ќе бидат потребни и ги обезбедивме со ребалансот. Денеска се објавуваат конкурсите. Конкурсот ќе трае пет дена, потоа следат уште две недели обука и тие после ќе можат да влезат во училиштата. Но, јас повторувам, родителите да не се вознемируваат. Вестите кои нашиот политички опонент се обидува да ги прошири се лажни – вели Јаневска која на првиот училиштен ден беше  во посета на ОУ „Стив наумов“ во општина Гази Баба.

Таа вели дека училиштата се обврзни да имаат инклузивни тимови, наставниците се обврзни да си ги примат сите ученици во одделението и да се погрижат за нивното образование.

– Немаме криза, сѝ е во ред и ќе биде во ред. Доколку има потреба за поголем број, како одговорна Влада, со посебна емпатија кон децата со посебни потреби ќе направиме напори да обезбедиме асистенти. Децата не се дискриминирани. Процесот не доцни. Овој процес е секогаш таков. Бројот на децата со посебни образовни потреби се менува секоја година. Ние не можеме да знаеме колку дополнително ќе бидат запишани во прво одделение. Комисијата за функционална проценка и деновиве одобрува дополнителни асистенти. Процесот се одвива во најдобар ред , воопшто не се должи – појаснува Јаневска.

Тврди дека ресурсните центри направиле пресметки за потребниот број, МОН ги проверило пресметките, а проверени биле и од финансии.

– Инклузијата не е само образовен асистент, инклузијата е цел систем кој го опфаќа училиштето, наставникот, инклузивниот тим, ресурсниот центар, кадрите во ресурсниот центар и образовниот асистент. Сите деца кои имале образовен асистент, денес ќе го имаат. Имаме дополнителен број што ќе бидат ангажирани. Еден образовен асистент може да се грижи за две до три децаа – потенцира министерката Јаневска.

Родители од повеќе градови реагираат дека нивните деца нема да можат нормално да ја почнат учебната година, затоа што им било кажано дека нема обезбедено образовни асистенти за нив. 

Од опозициската СДСМ укажуваа на овој проблем со денови. 

Денеска, лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој беше во посета на центарското училиште „Коле Неделковски“, го пофали градоначалникот Горан Герасимовски кој навреме објавил конкурс за лични асистенти, па учениците воОпштина Центар имаат придружба од првиот училиштен ден.

Проблемот е на национално ниво, а настанал поради контардикторност на Законот за образование и Законот за работни односи е објаснувањето што го добиле родителите.  

Според податоците за скопскиот и североисточниот регион има потреба од 264 асистенти. Договорите на асистентите кои биле ангажирани минатата учебна година истекле на 31 август, затоа што се потпишуваат на период од една година. (Б.Б.)