Јаневска на првиот академски час на УКИМ: Бидете љубопитни студенти – учете, поставувајте прашања, истражувајте


Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на првиот академски час на  првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со кој почнува новата академска 2026/2027 година на новата генерација студенти им посака успешна академска година, истакнувајќи дека универзитетот е место за учење, поставување прашања и истражување.

– Овие млади луѓе избрале високо образование за да ги остварат своите амбиции и да се подготват за идните професионални и животни предизвици. Очекуваат да стекнат знаење и да научат вештини што ќе им овозможат успешно да се вклучат во светот на брзите технолошки, економски и општествени промени. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е вистинското место за учење, поставува прашања и истражување. Бидете љубопитни студенти и храбри во потрагата по нови знаења – порача Јаневска.

Таа нагласи дека високото образование е еден од најважните приоритети и оти Министерството работи на подобрување на условите за студирање, модернизација на студиските програми и поголема поддршка за науката и истражувањето.

– На ова плато се наоѓа најголемиот потенцијал што го има Македонија. Треба да сте свесни за тоа. Вие сте идните професионалци, иноватори и лидери кои ќе ја градат иднината на оваа држава – истакна Јаневска.

Министерката информираше дека двата студентски дома во Скопје се темелно реконструирани, а наскоро ќе биде отворен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, по што ќе следува реконструкција и на другите домови во државата.