Јаневска: Македонија ќе има осум регионални центри за стручно образование и обука


Фото: Б. Грданоски

Практичната обука на средношколците е приоритет, па затоа низ целата земја ќе се отворат уште шест регионални центри за стручно образование, што со постоечките два, жќе бидат сосема доволни да се работи на усовршување на работните вештини на учениците по завршувањето на средното образование.

„Планираме во Македонија да има осум регионални центи за стручно образование и обука. Три веќе има, два тукушто почнаа да се развиваат, а дополнителни три ќе отвориме во следниот период. Во секој регион во државата ќе функционира по еден центар и во истиот според потребите на регионалниот пазар на трудот, ќе се изучуваат соодветни струки“.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во
вечерашното гостување на ТВ Клан, каде говореше за тековните активности на
Министерството за образование и наука и планираните промени во периодот што
следи.

„Средното стручно образование е квалитетно и добро се развива. Имаме одлична соработка со бизнис заедницата, со швајцарската и германската амбасада, со Европската Унија и тие многу ни помагаат во обликувањето и спроведувањето на дуалното образование и учењето преку работа. Овој тип на образование создава кадри кои недостасуваат на пазарот на трудот“, рече Јаневска, додавајќи дека кога младите луѓе добиваат соодветно знаење и пристојна работа, тие остануваат во земјата.

Говорејќи за состојбата со учебниците, рече дека наскоро ќе има нов Закон за учебници и дека ќе се докомплетираат учебниците по сите предмети по кои недостасуваат, со исклучок на оние по кои нема потреба да се печатат и тоа најчесто во стручното образование, каде како што рече, наставата е сведена повеќе на практична обука.