Јанева в четврток, Боки 13 денес ќе дава исказ

Фото: Б. Грданоски

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција неделава ги повика двајцата осомничени, Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната Специјална јавна обвинителка Катица Јанева, да дадат исказ за случајот „Рекет“.

Првоосомничениот во случајот „Рекет“, Јовановски, денеска напладне, со полициска придружба од затворот во Шутка, треба да биде донесен во Обвинителството каде што првпат треба да даде исказ. Поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, пак, Обвинителството планира да ја повика да даде исказ в четврток.

Одбраната на Јанева и Јовановски петнаесетина дена вршеше увид во доказите. И двајцата беа донесени во Обвинителството пред околу две недели, но побараа првин да ги видат доказите што ги има собрано Обвинителството против нив, па потоа да дадат исказ, односно да ја кажат својата одбрана за овој случај.

Адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев, вели дека денеска треба да погледнат уште некои докази. Сепак, тие тврдат дека Јанева сè уште не одлучила дали ќе дава исказ воопшто или ќе се спогоди со Обвинителството и тврди дека тие треба да го известат Обвинителството кога да ја повикаат Јанева.

Јовановски минатата недела на јавна седница во Апелација бараше да му биде укинат притворот и од Шутка да оди во домашен притвор, но неговата жалба беше одбиена, со образложение дека има опасност од бегство. Единствено Зоран Милески – Кичеец беше пуштен во домашен притвор кога Обвинителството заврши еден дел од истрагата за случајот. Неговиот исказ беше единствениот доказ кој не им беше даден на увид на другите обвинети и нивната одбрана.

Случајот „Рекет“ беше отворен во мај годинава кога беа уапсени Јовановски и Милевски. По еден месец, во притвор заврши и Јанева, под сомнение дека изнудиле 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев, кој го гонеше СЈО, со ветување дека ќе му ја прекинат истрагата за „Империја“. Истрагата за случајот беше завршена на 23 септември, а наскоро се очекува да биде покренато и обвинение. Премиерот Зоран Заев деновиве порача дека очекува до 15 септември случајот да резултира со обвинение. (Ф.Ф.С.)