Јанева: Одговорноста за разрешница на случаите треба да се бара во судовите


Фото: Б. Грданоски

 

Специјалното јавно обвинителство, како и редовното јавно обвинителство, е само орган кој гони, а за разрешница на предметите одговорноста е во судовите, рече Катица Јанева во изјава за медиумите на панелот „Реформски бенчмаркови: Дали имаме реформи и зошто не?“, како дел од проектот „Детски болести на демократијата“.

„Предметите на СЈО се предадени во суд на 1 јули 2017 година, а оттогаш поминаа еве веќе две години, да не кажам дека имаме обвинителни предлози од 2016 година од 15 септември, кои сѐ уште немаат првостепени одлуки. Вината за тие работи треба да се бара во судовите“, рече Јанева.

Јанева планира да го заврши својот мандат во СЈО, кој ѝ истекува на 15 септември годинава, и да конкурира за реизбор на таа позиција.

„Не можат да ме сменат, како да ме сменат?“, праша Jанева. „Во законот нема персонални решенија. Не пишува дека ќе се смени лицето тоа и тоа. Се знае што се пишува во закон, мислам ако сме писмени толку во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон“, рече Јанева.

Обвинителката смета дека мандатот ѝ завршува на 15 септември, но ако го сменат законот за СЈО и се продолжи работата на обвинителството, тогаш мандатот не ѝ завршува.

„Дека ќе одам на реизбор тоа е нормална работа и демократско право во секоја држава и, како што имам кажано и претходно, ќе конкурирам повторно да бидам специјален јавен обвинител“, рече Јанева. „Ќе останам до крај на чело на оваа јавна институција, не затоа што сакам, туку затоа што заслужувам“.

За општиот впечаток дека секојдневно се одложуваат рочиштата на СЈО поради што и се одолговлекоа постапките, таа смета дека тоа не се случува поради носење на законот, туку причините се објективни на судот, затоа што некои лица се разболеле или од некои други причини кои се наведени во судските постапки.

„Тоа е нормална работа, но мора да се интензивираат судењата и да се потврдат тие наоди дали се точни дека лицата кои одбегнуваат да се појават на судења навистина се болни и се спречени да дојдат“, вели Јанева.