Јанева не пријавила дека некој ѝ го злоупотребувал името


Фото: Б. Грданоски

Името на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го злоупотребиле не само нејзиниот довчерашен близок пријател, туку и многу други. Ова го соопшти самата Јанева кога излезе по една недела молк и ѝ соопшти на јавноста дека е чиста и дека била злоупотребена во случајот „Рекет“.

Сепак, иако до Јанева допирале гласови дека многумина го злоупотребувале нејзиното име за различни цели, досега таа не пријавила никакви злоупотреби до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Премиерот Зоран Заев, пак, не ја искоментира изјавата на Јанева, но порача дека секој што бил мета на рекет треба да пријави во истражните органи и повтори дека ќе има казна за секој што ги прекршил законите.

„Секој што се огрешил од законите ќе си одлежи затвор или ќе биде казнет согласно законите. Може да се обидуваат, но ние нема да потклекнеме во борбата против криминалот и корупцијата. Но, секогаш апелираме да се почитува пресумпцијата на невиност, не смее да се прави масакр врз луѓето, а најмалку од нас политичарите“, рече Заев.

Во меѓувреме, расте бројот пријави за „Рекет“ не само во обвинителството туку и во Сојузот на стопански комори, од каде што не откриваат ни кои се ни колку се.

„Има случаи што се пријавени. Ние не сме орган за истражување ниту сме некој што треба да ги проследува и работи, меѓутоа сме луѓе што ги штитат нашите членови. Има повеќе од еден случај што е пријавен,  за оваа или за друга ситуација, и ќе направиме сè што е во наша надлежност да ги заштитиме членовите и да се потрудиме ова да не се повтори бидејќи е во интерес на сите нас“, рече Данела Арсовска, претседател на ССК.

Во комората на Северозападна Македонија досега немало пријава од фирми дека биле мета на Боки 13.

„Во нашата комора немаме таков пријавен случај досега. Нашите членки апелираат до сите медиуми да не се злоупотребуваат имиња при случаи, дека има некои осомничени без да се води судска постапка. Значи нема пријавени случаи како такви“, рече Дрилон Исени, извршен директор на Северозападна комора.

Специјалната обвинителка вчера дошла во институцијата која сè уште ја предводи. Според информациите однатре, Јанева поголемиот дел од времето во СЈО го поминала сама во својата канцеларија. (Ф.Ф.С.)