Јанева: Не чувствувам вина за „Рекет“


Фото: Б. Грданоски

Не чувствувам вина, истакна специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по петчасовниот распит во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет“.

На новинарско прашање дали очекува да биде проширена истрагата и на неа, Јанева кажа дека тоа треба да го каже обвинителката што го води случајот. Таа рече и дека не знае дали има инволиварано некој политичар.

Прашана дали е нејзиниот глас на објавената видео снимка на која на Јордан Камчев му вели дека „се ќе биде во ред“, Јанева рече дека засега не може и не смее тоа да го каже зашто во истрага не се споделуваат информации.

– Се надевам дека ќе има судење, ќе се гледаме уште, додаде шефицата на СЈО.

На прашањата дали знае каде се парите од „Рекет“ и дали Камчев е се уште осомничен, Јанева одговори: „да“.

За одземените телефони, рече дека се уште се на анализа во обвинителството, а за тоа дали се форматирани, изјави дека бил форматиран третиот телефон што е изгубен.

Таа не кажа зошто предложила спогодба за предметите „Империја“ и за „Поштенска банка“ и ослободување на обвинетите.

Додека одговараше на новинарските прашања, адвокатот Стеван Павлевски неколкупати ја предупреди дека не е на распит со цел да прекине со изјавите.

Павлевски кој денеска ја придружуваше Јанева во обвинителството е адвокат на Цветан Панделевски, еден од обвинетите во предметот „Империја“ на СЈО.