Се огласи и Јанева: Лицето О.К., требаше да стане сведок


Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева и натаму демантира поврзаност со случајот „Рекет“. На денешното трето продолжение од снимките што ги објави италијанскиот „Ла Верита“, се слушаат разговори меѓу неа и Орце Камчев, кои таа не ги спори.

„Во врска со денешните снимени разговори презентирани на порталите, повторувам дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во Jавното обвинителство кое го водам, повеќе пати сум разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случуваше да се одвива преку од нив назначени посредници. Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители. Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име“, вели Јанева во изјава лиферувана преку Специјалното јавно обвинителство.

Таа одбегнува директна комуникација со новинарите.