Јанева го спремала Камчев за заштитен сведок против Мијалков?


Фото: Б. Грданоски

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева наводно разработила неколку сценарија со кои сакала бизнисменот Орце Камчев да го спаси од затвор како осомничен во случајот „Империја“, напиша вчера „Фокус“. Според медиумот, ова се заклучува од неодамнешната изјава на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој образложуваше зошто Јанева од сведок стана осомничена во случајот „Рекет“.

– Според досега јавно објавените информации од истрагата, планот бил набрзо откако СЈО ја отвори истрагата за случајот „Империја“, а осомничените беа ставен во притвор, да се сврти кормилото во обратна насока, па осомничениот Камчев за почеток да добие куќен притвор, а потоа да му биде вратен и пасошот. За спас од високите затворски казни од над 10 години кои му се закануваа, пак, имало две сценарија.

Првата идеја била осомничениот бизнисмен да се направи заштитен сведок и со наредба да се запре истражната постапка против него. Ова сценарио веројатно произлегува од исказот на Јанева, кој го дала како сведок, со кој пред Вилма Русковска се обидела да ги оправда своите постапки бидејќи таа и во својата писмена изјава до јавноста напиша дека го врбувала Камчев за сведок. Меѓутоа, тогаш споменуваше друга предистрага, а од изјавата на Јовески се сфаќа дека првоосомничениот Камчев требало да стане заштитен сведок во „Империја“.

– Обвинителката требало да ја олесни неговата положба во таа истражна постапка со тоа што тој ќе добие својство на заштитен сведок и ќе ја запре постапката – појасни неодамна Јовески.

Според правниците, ваквата идеја е правно невозможна, или неразумна, бидејќи не може првоосомничениот да го токмиш за заштитен сведок бидејќи во овој случај и Камчев и Сашо Мијалков се врвот на империјата. Тоа евентуално можело да се договори со некој од последно осомничените. Доколку оваа идеја се реализирала, ќе значело дека Камчев одеднаш ќе исчезне од листата на осомничени, ќе сведочи против Мијалков, и тоа преку заматен монитор и мутиран глас, а потоа засекогаш ќе биде иселен од државата и можеби ќе доби нови идентитет во странство.

Освен ова сценарио, имало и план Б, односно другата пореална варијанта била да се склучи спогодба со која бизнисменот ќе ја признае вината, но не за делата за кои се гони, туку за многу полесни, со што ќе се спаси од затворска казна, а ќе треба да плати само материјална отштета. Но и ова сценарио не се реализирало, а истрагата за „Рекет“ треба да покаже зошто“, пишува „Фокус“.