Јанева била чиста, за нејзе Боки 13 е лицето Бојан Јовановски


По една недела молк, специјалната обвинителка Катица Јанева дојде во Специјалното јавно обвинителство да даде изјава за медиумите и не одговори на ниту едно новинарско прашање. Веста дека Јанева се појави во СЈО уште утрото одекна во медиумите, а новинарските екипи кои единствено имаа информација дека Јанева е внатре, а никој не ја виде, ја чекаа да излезе за да даде изјава.

Единствено автомобилот марка „сеат“ со гевгелиски регистарски таблички беше асоцијација дека Јанева е внатре. Извори од СЈО брифираат дека никој не очекувал Јанева да се појави во институцијата и сите вработени биле затечени. Порачала кафе и веднаш заминала во својата канцеларија.

Само што дојдоа новинарските екипи, во СЈО дојде пикап-комбе кое требаше да го подготви озвучување за прес-конференцијата, а потоа стигна и официјалното известување до медиумите дека Јанева ќе даде изјава за медиумите. И додека, пред точно една недела, обвинителите од Специјалното јавно обвинителство даваа изјава за медиумите без некаква посебна подготовка, Јанева вчера застана на истото место, но ситните детали покажаа дека Јанева сè уште е шефица во СЈО. За неа беше поставен пулт за прес-конференции, имаше озвучување и пред да почне за неа беше донесена чаша со вода. Во обвинителството новинарите не видоа ниту еден друг обвинител освен специјалната обвинителка, внатре беше тивко и немаше никаква раздвиженост.

Јанева се појави со подготвен говор напишан на две ливчиња, ги поздрави новинарите, ги стави очилата и почна да ја чита напишаната изјава. Главната поента на нејзината изјава беше дека таа е чиста и дека не рекетирала.

„Најодговорно тврдам дека на ниту еден начин, ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување, ниту со несторување, не сум ја злоупотребила должноста која во моментов сè уште ја извршувам и јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за случајот ‘Рекет’“, рече Јанева.

Нејзиниот довчерашен пријател, со кого се фотографираа на социјалните мрежи и кој беше чест гостин во нејзината канцеларија на Специјалното јавно обвинителство, Бојан Јовановски – Боки 13, сега за неа е лицето Бојан Јовановски.

„Да, точно е дека јас како и многу други лица, кои во моментов се на различни државни позиции, се познававме со лицето Бојан Јовановски. Никогаш не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека заради описот на неговото работно место на дневна основа комуницира со лицето. Но тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува одредени привилегии и да презема незаконити дејства. Затоа очекувам низ една транспарентна судска постапка да им се стави крај на сите неофицијални информации, со кои некој се обидува да им наштети на мојата чест и углед“, вели Јанева.

Со оваа изјава таа се огради од Јовановски и соопшти дека нејзиното име и презиме ги злоупотребувале и други лица за различни цели.

„Подолг временски период до мене допираат гласови оти не само Бојан Јовановски туку и многу други, без да знам, ги злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели“, вели таа.

Јанева ѝ се извини на јавноста што се сокри откако ја депонираше својата оставка и беше отворена истрагата „Рекет“. Таа тврди дека исчезнала од јавноста свесно.

„Иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч, решив дека нема со ниту еден мој потег да создадам впечаток дека правам притисок или дека се мешам во истражните дејствија“, порача обвинителката.

На крајот Јанева својата оставка ја претстави како чекор со кој сака да ја покаже својата висока професионална свест и посредно ја спореди со бегството на премиерот Никола Груевски.

„Граѓаните и јавноста нека направат разлика што значи да бидеш свесен за одговорноста што ја носиш и како се постапува кога знаеш дека си чист и што значи кога некој се обидува да ја злоупотребува својата политичка моќ и бега од правдата“, рече обвинителката.

За неа СЈО е поголемо и позначајно од нејзината функција и верува дека ќе остане симбол на беспоштедна битка против високата корупција и криминал.

„Оставам во наследство десетина затворени истраги, подготвени за брзо процесирање. Убедена сум дека токму тие предмети ќе ѝ дадат одговор на јавноста зошто некој со сите сили се убедуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози кредибилитетот на СЈО“, заклучи Јанева.

И покрај многубројните новинарски прашања, таа им се заблагодари на новинарите и не одговори на ниту едно. Дали Јанева ќе заврши како осомничена или само јавно оцрнета во случајот „Рекет“, ќе покаже истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Вештачењето на нејзиниот службен телефон заврши, а најден е и вториот телефон кој сепак не го изгубила во Белград, како што тврдеше нејзиниот син, Лазар Јанев.

Истражните органи го нашле кај сестрата на неговата девојка, на која Јанева наводно ѝ го подарила. Нејзиниот син, според неофицијални информации, веќе не доаѓа на работа во 1ТВ каде што работеше како правник.

Откако три дена последователно не се појавил на работа, му дале отказ. Освен Јанева на мета е и нејзиното семејство особено нејзиниот син кој комуницирал со Боки 13. Сепак, Јанева не се жали и позицијата специјален обвинител за неа е чест.

„Од моментот на изборот за специјален јавен обвинител, мојата професионална биографија, приватниот живот и моето семејство се цел на постојани напади со девалвирање и инволвирањето во дневнополитичките препукувања на партиите. Не сакам да оставам погрешен впечаток. Не се жалам. Се нафатив на функцијата специјален обвинител во исклучително тешки околности, свесна дека ќе бидам цел на напади за моја лична дискредитација. Повикот да се служи на државата и да се биде на чело на исклучително професионален тим што се занимава со висока корупција, каде што се инволвирани највисоки државни функционери, е сериозна чест и многу голема одговорност“, тврди Јанева.

Пред повеќе од една недела, на 15 јули таа поднесе неотповиклива оставка и беше обелоденет случајот „Рекет“. Од тогаш не се појави во јавноста, а следниот ден отвори боледување. По вчерашната изјава, од СЈО соопштуваат дека го прекинала боледувањето и веќе од денеска се враќа на своите работни обврски.

Иако засега Јанева не е осомничена во случајот „Рекет“, јавноста е преплавена со неофицијални информации за неа и за нејзината вмешаност во случајот. Над неа е надвиснато прашањето што зборувала на спикерфон кога ја вклучил Јовановски на средбата со бизнисменот Орце Камчев. Засега единствени осомничени се Јовановски и Зоран Милески – Кичеец, дека зеле 1,5 милион евра од Орце Камчев на кого Боки 13 му ветил дека ќе издејствува кај Јанева, да ја запре истражната постапка за „Империја“ што ја води СЈО против него.

Преговорите и изнудите за рекет се случувале во период од ноември до април, а токму во овој период Камчев заврши во Шутка. Пред Нова година Јанева побара Камчев да биде пуштен од Шутка до домашен притвор, а потоа му го врати и пасошот, па Камчев ја славеше победата на ракометарите на Вардар, заедно со нив во Келн. Јанева засега не е опфатена со истрагата, а обвинителството треба да обезбеди докази дали имала таа некаква улога во рекетирањето и дали оваа афера води до политичари од врвот.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски