Јанева: Ако Мијалков го пуштат, ќе се побара притвор за друг случај


Обвинителката Катица Јанева, вели дека за Сашо Мијалков ќе побараат притвор за друг предмет, ако се одлучи тој да биде пуштен по случајот „Империја“.
За одлуката на Врховниот суд за случајот „Империја“ за пуштањето од куќен притвор на дел од осомничените, и дали е следен Сашо Мијалков, Јанева смета дека најважно е што СЈО има доволно докази по предметите за да се продолжат истрагите и одредени предистраги на кои се работи за овие лица.
– Можеби во иднина и во најбрз можен рок, ќе побараме по други предмети одредени мерки за определени лица, рече таа, додавајќи оти е можно за Мијалков да побараат притвор за друг предмет ако биде пуштен за „Империја“.
Орце Камчев, по два месеца поминати во притвор во Шутка и два месеца поминати во куќен притвор, од понедленикот е слободен. Врховниот суд ги прифати жалбите што ги поднесоа Камчев и останатите осомничени во случајот „Империја“, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, со кои бараа да бидат ослободени и од куќен притвор.

На новинарско прашање дали СЈО ќе работи без „бомбите“ во предметите како „Империја“, обвинителката Катица Јанева посочи дека од првиот момент кажала дека „бомбите“ секогаш биле проблематични, уште во моментот кога не биле признати од страна на судот како доказни средства. Нагласи дека СЈО секогаш во своите истраги и предистраги се трудело да прибави колку што може повеќе материјални докази и искази од сведоци за конкретните настани поврзани со „бомбите“.

– „Бомбите“ ги олеснуваа и појаснуваа некои работи во склоп на сите други материјални и вербални докази, но сметам дека и начинот на работа без „бомби“ е предизвик за специјалните јавни обвинители и ќе се потрудиме да бидеме на висина на задачата, изјави Јанева.