Јанев сака црквата и БАН да кажуваат кој ќе биде пратеник во Бугарија


 

Предизборниот политички фолклор во Бугарија зема замав, а во фокусот деновиве е новата партија на еден од техничките премиери на бугарската влада и избраник на претседателот Румен Радев – Стефан Јанев со новоформираната партија „Бугарски подем“ чија изборна програма е национализам, популизан и русофилство.

Меѓу идеите што ги презентира деновиве Јанев а што беа дочекани како политички апсурд е  предлогот за создавање некаков политички одбор кој би бил „морален коректив на репутациската тежина на кандидатите за пратеници“. Во овој одбор, според Јанев, треба да членуваат надпартиски претставници – од Бугарската православна црква, Бугарската академија на науките, Бугарската стопанска комора, стопанските здруженија, синдикатите. Според Јанев, пратениците мора да се обврзат да го напуштат парламентот доколку ја изгубат довербата во односниот одбор.

Друга идеја што ја презентираше Јанев е промоцијата и влезот во листите да се направи со индивидуална поддршка од 300 бугарски граѓани за кандидатот-заменик.

Идеите на поранешниот премиер веднаш предизвикаа реакции на социјалните мрежи.

„Стефан Јанев сака црквата, синдикатите и БАН да кажат кој ќе стане пратеник. Со други зборови, Стефан Јанев сака суд на другарите, каде што црвените старци кои паразитираат од  црквата, синдикатите и бугарските научни институти да не дозволуваат пристап во политиката на секој што не е посветен на Русија. Стефан Јанев ќе се бори против идеолошката субверзија во името на Народна Република“, напиша  политичкиот аналитичар Емил Соколов.

„За само неколку недели во партиската политика, Стефан Јанев веќе го откри фашизмот! Денес тој нуди единствен систем на корпоративно претставување, што сигурно ќе му се допадне на Мусолини. Ако продолжи да размислува толку интензивно, не е ни чудо да го открие и нацизмот, и конечно топлата вода (загреана на руски гас)“, напиша политикологот Даниел Смилов.