Јанев и Митевска победници на Ј30 Скопје – Поинтер опен 2026


Македонските млади тенисери Кристијан Јанев и Сара Митевска ги освоија титулите на јуниорски турнир J30 Скопје – Поинтер опен 2026.

На терените на ТК Поинтер Тенис Парк, Митевска до титулата стигна без загубен сет. Таа доминираше во текот на целата недела, а во петте меча загуби само 22 гема. Во големото финале таа беше подобра од втората носителка Нор Кулеманс од Белгија со 2-0 во сетови (6:3, 6:2).

Претходно, Митевска убедливо ја елиминираше Јоана Менцелоу од Грција, препуштајќи ѝ само два гема, додека во второто коло ја совлада Ива Колев од Србија со идентични 6:3 и 6:2. Во четвртфиналето беше подобра од Марија Чалкова од Бугарија, а во полуфиналето сигурно ја победи Есенија Бејлокова со 6:2 и 6:1.

Возбудливо беше и во машката конкуренција, каде што Кристијан Јанев покажа зрелост, карактер и квалитет во клучните моменти. Во финалето македонскиот тенисер славеше против вториот носител Богдан Мандиќ од Јужна Африка со 2-1 во сетови.

Јанев првиот сет го доби со 7:5, противникот возврати со 6:4 во вториот, но во решавачкиот сет Македонецот целосно доминираше и со 6:2 стигна до голем триумф.

На патот до финалето, Јанев го совлада Никола Ивасковиќ од Србија, потоа беше подобар од Бенџамин Смит од Германија, а во четвртфиналето убедливо го елиминираше Алберт Иван од Романија. Во полуфиналето, пак, сигурно славеше против Марин Абаџиев од Бугарија.