Јанчев: Ланскиот денар за килограм грозје до четврток и плус интервентна субвенција за грозјето


Ланскиот денар интервентна поддршка за килограм грозје од државата на лозарите да им биде пуштен до четврток, а сезонава поради лошата гроздоберска година и сушата, повторно да се даде интервентна субвенција за грозјето, со тенденција тоа да биде двојно повеќе од минатата година. Ова било сумирано на средба во Владата, со премиерот и министерот за земјоделство, информира денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Исто така, според првичните информации, има потфрлување на количините грозје. Затоа се очекува откупот да помине во подобра атмосфера и да нема вишок. Околу 80 отсто од винариите поради добрата економска ситуација, своја и кај банките, плаќањето го вршат веднаш или за неколку денови. Ова нека биде почеток на подобро ниво на состојбата во лозаровинарството, додаде Јанчев.

Тој нагласи дека како градоначалник, заедно со пратениците од регионот, Министерството и Владата, ќе ги застапува интересите на лозарите. Рече и дека е направено максимум што може годинава.