Јанчев ќе се кандидира за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, по уште еден градоначалнички мандат


Поранешниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, вели дека ќе се кандидира за лидер на ВМРО-ДПМНЕ затоа што партијата оди во погрешен правец и бележи само порази на политичката сцена.

Тој, во емисијата „Во центар“, рече дека треба да прекине праксата лидерот на партијата да се бира или да се поставува од мала група луѓе и потоа тој да им биде должник на тие луѓе и да работи за нивните интереси. Според Јанчев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се бира со гласање на целокупното членство.

– Ќе се кандидирам за лидер на ВМРО-ДПМНЕ на непосредни избори кога целото членство на партијата ќе биде во состојба демократски да гласа и да го избере новиот лидер. Мене не ми се потребни конгреси во Валандово, јас сакам целото членство да може да каже дали ја заслужувам довербата да дојдам на чело на партијата. Не го разбирам Христијан Мицкоски. Не треба некој да те брка од партијата, треба да го исполниш тоа што си го ветил. Ако си кажал дека по пораз на изборите ќе се повлечеш од лидерската позиција, тогаш тоа ветување треба да се исполни – вели Јанчев, пренсе Либертас.

Тој додава дека има план да се кандидира за уште еден градоначалнички мандат во Кавадарци, а дури потоа да се бори за лидерската позиција во партијата.

– Мојата намера е да се кандидирам за уште еден градоначалнички мандат во Кавадарци и кога ќе се создадат демократски услови да се кандидирам на непосредни избори за лидер на партијата – вели Јанчев.