Јанчев до Мицунски: Со лузери не се оди напред


По пораката од Тимчо Муцунски дека ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво за тој да го презема кога ќе посака, градоначалникот Митко Јанчев му одговори преку преку Фејсбук дека е точно тоа, но и во партија како и во компанија не се оди напред со лузери.

-Се согласувам дека ВМРО -ДПМНЕ не е АД, и уште помалку сметам дека е ДООЕЛ. Се согласувам дека статусот и функцијата треба да се добијат демократски, односно целосно спротивно од начинот на кој Мицкоски беше избран. Беше единствен кандидат форсиран и определен од поединци. Јас не би сакал да го преземам ВМРО-ДПМНЕ на начинот на кој што Мицкоски стана претседател. Напротив, ќе се борам партијата да се нормализира и демократизира. Да се организира фер и демократски конгрес на кој ќе може да учествува секој чесен вмровец кој има визија, програма и енергија да го врати ВМРО на победничката патека, вели Јанчев.

Додава дека во партијата е слично како и во бизнисот, не може да се оди напред ако се толерираат оние кои прават сплетки и кои се губитници.

-Ако јас во бизнисот толерирав лузери и сплеткароши никогаш немаше да го постигнам тоа што го постигнав. Ако во општината се опкружев со полтрони и интересџии никогаш Кавадарци немаше да биде ова што е денес. Затоа и го употребив тој термин, кој кај вас предизвикува реминисценции за начинот на кој ова раководство го презема ВМРО.  Не, јас сакам членовите да одлучат кој ќе ги води. Знам, вас тешко ви е тоа да го прифатите, исто како што тешко ви е да признаете дека со Мицкоски на чело, ВМРО-ДПМНЕ нижи само порази. Зошто би го поддржале тогаш Мицкоски? За да продолжиме да губиме? Не, доста е. Ќе ги поразиме лузерите во партијата и ВМРО повторно ќе победи. Да живее победничко ВМРО-ДПМНЕ – порача Јанчев.