Јанакиески доби затвор од 3,5 години за „Топлик“. Досега е осуден на 14 години и три месеци затвор

Поранешниот министер за транспорт и функционер на ВМРО-ДПМНЕ во трет случај е осуден на казна затвор. Против него се водат уште четири процеси


Фото: Б. Грданоски

 

Уште една затворска казна за поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески. Во случајот „Топлик“ нему денеска кривичниот суд му одреди 3,5 години затвор. Случајот „Топлик“ се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште. Ова е трета пресуда со затворска казна за Јанакиески, кој беше и функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Со неа затворските казни за Миле Јанакиески изнесуваат 14 години и три месеци.

Сите обвинети добија осудителни пресуди, со тоа што Томе Ѓурчиловски, кој бил претседател на комисијата во Министерството, доби затвор од 3 години затвор, а останатите четворица (Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Веса Томчевска) условни казни затвор од две годни кои нема да се извршат ако во рок од пет години не сторат ново кривично дело. Тие се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластувања, а настанатата штета на буџетот е 64 милиони денари (околу 1,2 милиони евра).

Истрагата и обвинението за случајот ги подигна поранешното Специјално јавно обвинителство, а потоа премина во надлежност на редовното обвинителство. Според обвинителството, Јанакиески од првичната комисија за јавни наддавања добил записник дека не се исполнети условите за објава на јавното наддавање, но тоа го игнорирал, па составил нова комисија од сега обвинетите и побарал сепак да ја објават постапката за наддавање. Членовите на новоформираната комисија, тврди обвинителството, иако знаеле дека не се целосно обезбедени податоците за градежното земјиште го реализирале тоа. Откако новата комисија ја одобрила постапката бил потпишан и договор со трговско друштво кое го купило земјиштето, но тој договор, според обвинителството, не можел да се реализира поради проблеми со катастарските парцели. Од тие причини договорот за купопродажба на земјиштето бил раскинат, а Министерството морало да ги врати парите и отплатило затезна камата.

Јанакиески за време на целиот судски процес тврдеше дека работел законски и не влијаел во работата на Комисијата за јавно наддавање. Јанакиески тврдеше дека промената на комисијата била направена затоа што претседателката била на боледување, а другите членови самите барале да се повлечат Поранешниот министер тврдеше и дека не е точно оти договорот не бил спроведен бидејќи за земјиштето има и имотен лист на име на купувачот. Тој и во неговите заврши зборови остана на ставот дека нема никаква вина и обвинението го нарече апсурдно.

Ова е петта пресуда на Кривичниот суд која се однесува на Миле Јанакиески. Од претходните четири, во две тој доби условна, а во две затворска казна. Пред судот, пак, во тек сè уште четири судски процеси. Условни казни доби во случаите „Насилство во Центар“ и во предметот „Дизајн“ за набавката на кинеските двокатни автобуси за ЈСП.

Јанакиески доби затворска казна во случајот „Титаник“ за парламентарните избори во 2011 и 2014 и локалните во 2013 година. Поранешниот министер во овој случај доби затвор од 4,5 години. Втората казна затвор е во случајот „организатори на 27 април“. Во овој случај тој е осуден на 6 години и три месеци.

Во овие три пресуди затворските казни за Миле Јанакиески изнесуваат 14 години и три месеци. Сите овие пресуди се првостепени и Миле Јанакиески има право на жалба до повисокиот суд.

Против Јанакиески во тек се и судски процеси во случаите ТНТ, „Талир“, „Траекторија“ и „Шпански скали“.

Процесот во случајот „Топлик“ го водеше судечки совет на чело со судијата Осман Шабани. Застапник на обвинението беше обвинителот Бурим Рустеми. (Н.В.)