Јана Бурческа по втор пат мајка: По Дона не израдува Дарин


Фото: Б. Грданоски

Сред пандемија на коронавирус, семејството на поп-пејачката и тв-водителка Јана Бурческа, препознатлива по убавиот глас и става, се израдува на уште нов член. Неполни три години по раѓањето на ќерката Дона, со сопругот Александар се израдуваа на синот Дарин. Речиси целата бременост во услови на корона ѝ била и стресна и убава, но како што вели, фала богу се поминало во најдобар ред и пред и за време на пораѓањето во приватната болница „Аџибадем-Систина“.

-Ако Дона е цела на тато и на неговото семејство со сините очи, моите најблиски ми велат дека Дарин потсетува на мене. Само нека се живи и здрави, ама сега синот нека личи на мене и да има сини очи на тато, вели Бурческа во разговорот за „Независен“.

Дебито на сцената ѝ беше во 2011 година во „Македонски Идол“. Во 2010 беше наш претставник на Евросонг во Киев. Музиката ѝ се врти постојано низ глава, иако домот последниве години и е центарот на животот.

Јана со Дона во фотосесијата за „Независен“/ Фото: Б. Грданоски

Како се чувствуваш повторно во улога на мајка?

– Убаво иако знам што ме чека. Со Дона ми беше потешко, сега ми е полесно со Дарин. Ама како мајка се си има смисла и насока. Нема повеќе  1.000 „затоа“ за 1.000 „зошто“.

Дона потпорасна. Дали е љубоморна на братчето?

– Сега засега не, Ќе видиме. Таа е најубава на мајка, татина маза, муабетчика, насмеана, ведра, а исто така знае гласно да се бори за своите потреби. Понекогаш смета дека спиењето е залудно потрошено време, но затоа тука сме ние како родители да ѝ помогнеме во справувањето со предизвикот.

Што ти се смени во животот по раѓањето на децата?

– Би рекла дека животот ми е сега дозачинет со клучната состојка, а тоа е семејството.

Дали некој ти помага околу децата?

– Александар, се разбира. Мојата мајка исто така. Една од најголемите лекции што ја научив дури откако станав мајка е тоа што всушност значи мојата мајка. Првпат во нејзина кожа почувствував колку многу таа се вложувала за мене како нејзино дете и колку е голем интензитетот на мајчинската љубов, и општо колку се силни мајчинските емоции.

Фото: Б. Грданоски

Дали бебето дојде планирано?

– Ако Дона беше најубавото изненадување кое ни се случило, со Дарин беше обратното- беше планирано бебе.

На кои важни лекции во животот ќе ги учиш?

– Да бидат искрени и отворени. Вистината е најмоќната алатка и најдобриот начин. Ќе ја учиме да се грижат за себе и своето здравје, за своето тело, ум и анимус.

Какви ти се професионалните планови?

– Засега се поврзани со емисијата „Стисни плеј“ на МТВ каде сум водителка. Снимавме две нови емисии ама моравме да прекинеме заради пандемијата.  (Л.С.)