Јан Коп: Преговарачката рамка е јасна, билатералните прашања не се дел од неа


Билатералните прашања не се дел од рамката. Рамката е многу јасна. Земјата треба да помине низ преговарачкиот процес и по одреден број години да влезе во Европската Унија, изјави холандскиот амбасадор во Северна Македонија, Дирк Јан Коп во интервју за телевизија Сител.

Според амбасадорот, во моментов е невозможно е да се даде одговор дали до крајот на годинава земјава ќе ги почне преговорите со ЕУ, иако, вели, јасно е овој процес каде треба да се движи и тоа е многу поважно од еден датум.

-Невозможно е да одговорам на тоа. Многу се работи во моментов, и Северна Македонија и Бугарија разговараат, тоа секогаш е добро. Германците кои во моментот го имаат претседателството работат напорно да ги обединат двете страни, дали ќе успеат е невозможно да се предвиди, но сите се уште се надеваат дека исходот ќе биде позитивен, вели Јан Коп.

Потсети дека и при приемот на нови земји-членки особено во големата група која стана дел од ЕУ во 2004, Полска, Унгарија, Чешка, Словенија и други, имало многу билатерални прашања што мораа да бидат решени. Прашања, како што вели, кои беа тешки и отворени многу долго време помеѓу Полска и Литванија, Италија и Словенија, Унгарија и Романија и сите велеа ова се толку тешки прашања, невозможно е да се решат, но сите беа решени, инаку не можеше да влезат во ЕУ.

-Оваа земја направи многу, на пример со Преспанскиот договор. Ова ја отвори вратата за членство во НАТО и ЕУ и тоа е бенефит за сите граѓани на земјата. Да повторам, ова е билатерален проблем што не е дел од рамката, но јас верувам дека Северна Македонија ќе може да го реши овој проблем. Прашањето не е дали ќе има меѓувладина конференција, туку кога? Тоа ќе се случи, дециден е Јан Коп.

Посочи дека постои политичка посветеност, што според него, било значајно и за добивање зелено светло во март.

-Кога ќе се одржи меѓувладината конференција не е ни толку значајно. Мислам дека премногу симболика се дава на еден датум. Она што земјава сега треба да го направи е заедно со нас да помине низ 35-те поглавја од пристапниот процес почнувајќи од поглавјата 23 и 24 за владеење на правото и правосудството. Основата е поставена. Структурата е јасна. Земјите членки на Унијата во изминатите шест месеци заедно со Комисијата ја подготвуваа преговарачката рамка. Јасно е овој процес каде треба да се движи, тоа е многу поважно од еден датум, рече амбасадорот, подвлекувајќи дека ништо не функционира во едно општество ако нема владеење на правото.

Јан Коп вели дека сега земјава е еден чекор понапред и оти веќе многу направила и веројатно ќе може да ги исполни очекувањата и да се придвижи низ поглавјата прилично брзо.

-И не е само владеењето на правото, овие 35 поглавја опфаќаат се. Здравство, образование, тарифи, владини набавки, слободно движење стоки, даночен систем… Во многу од овие области, Северна Македонија веќе има направено многу за да биде во позиција да може да се придвижи низ преговорите. Вие веќе го правите тоа. Во изминатите години се подготвувате со спроведување на многу реформи. Мислам дека сега е важно многу од овие реформи да бидат имплементирани. Многу реформи постојат сега на хартија, има добри закони, но секако дека ви требаат капацитети, луѓе, реформи, канцеларии, ова не е едноставно. Од друга страна, целиот овој процес сега ќе биде структуриран низ преговарачката рамка, а има и голема торба со пари која доаѓа за да се осигури имплементацијата. Се разбира, следната година нема да биде лесна, има корона, иако земјава на економски план не стои толку лошо, има локални избори, има попис и мора мудро да ги трошите своите пари. Оваа Влада има јасни приоритети и планови, ЕУ е тука да ја структурира работата, јас сум прилично оптимистичен, заклучува холандскиот амбасадор.