Јамал не смее да игра на EURO2024 по 23 часот, ако Шпанците го прекршат законот ќе бидат казнети


Шпанскиот фудбалер Ламине Јамал не може да ги заврши евро-натпреварите кои започнуваат во 21 часот поради законите за детскиот труд во Германија, каде се одржува Европското првенство.

Имено, според тој закон, на малолетниците им е забрането да работат по 20 часот, но на спортистите им е дозволено да работат до 23 часот, што ги опфаќа сите активности поврзани со натпреварите.

Според таквите правила, Јамал мора да ги заврши обврските вклучувајќи интервјуа и туширање до 23 часот, па се претпоставува дека токму поради тоа тренерот Луис де ла Фуенте морал да го замени играчот на Барселона во 71. минута од натпреварот против Италија за да да си ги заврши обврските навреме.

Меѓутоа, во случај на натпревари кои почнуваат порано како оној против Хрватска (18 часот), Јамал ги немаше овие проблеми.

Шпанската ФА се обидува да добие изземање од германската влада за Јамал да може да игра целосни натпревари кои почнуваат доцна, но дури и да го прекршат законот, Шпанците би можеле да се соочат само со парична, а не и спортска казна.

Инаку, станува збор за казна од 30 илјади евра.

Шпанија денеска ќе игра против Албанија во третото коло од групната фаза, а бидејќи веќе обезбеди пласман во нокаут фазата, Јамал не се очекува да игра од првата минута на овој меч, па работа на селекторот Луис де ла Фуенте е „полесна“.