Јакнење на човечкиот капитал како одговор на демографските промени во ЈИЕ


Инвестирање во човечкиот капитал, особено во здравјето на луѓето, образованието и иновативниот потенцијал е клучната стратегија за одговор на демографските промени во Југоисточна Европа, заклучија учесниците на регионалната конференција што во Сараево ја организираше Фондот за население на Обединетите нации-УНФПА.
На конференцијата беше посочено дека државите од Југоисточна Европа со години имаат ниски стапки на фертилитет и високи стапки на миграција, најчесто на млади луѓе и оти ова води кон тоа државите во регионот да стануваат се помали и се постари. Над 100 претставници на влади, граѓанското општество, меѓународни организации и академците идентификуваа серија на стратегии како одговор на демографските промени.
– Очигледно е дека рапидната демографска промена во Југоисточна Европа бара итни одговори. Но, мора да се тргнеме настрана од негативните сценарија и да ја претвориме кризата во можност, истакна Алана Армитаж, регионална директорка на Источна Европа и Централна Азија.
Според неа, целта е да се креираат држави каде луѓето сакаат да живеат и да се создадат општества каде младите луѓе ќе може да ги реализираат своите соништа и да ја изградат својата иднина.
Дводневната конференција ја организираше УНФПА во соработка со Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Советот за регионална соработка и Економската комисија на Обединетите нации за Европа. Конференцијата е дел од низата настани што водат до Самитот во Наироби за ICPD25 што ќе се одржи од 13 до 15 ноември годинава.
Оваа година, УНФПА ја одбележува својата 50-годишнина и 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ICPD).