Јакимовски за Мицкоски: „Човекот има патолошка потреба да лаже“
„Не можам да се изначудам зошто овој човек има толкава патолошка потреба да лаже?“
Така напиша поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, околу посетата на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование, Весна Јаневска, и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, во Oсновното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае каде се работи на изградба нова спортска сала. Мицкоски рече дека проектот бил заглавен и сега се одглавувал.
„Не можам да се изначудам зошто овој човек има толкава патолошка потреба да лаже?
Проектот ниту бил заглавен, ниту тие го одглавувале. Повеќенаменска спортска сала Димо Хаџи Димов со 400 гледачи е проект изработен од мене уште во 2017. година.
Успешно е спроведена јавна набавка во октомври и избран е економски оператор. До утре 13 февруари 2026 година, има точно 90 дена откако тој постави свој градоначалник во Општина Карпош.
90 дена го држеа проектот, тие сами си го кочеа за да сега си кажува лаги дека го откочиле. Бидејќи има многу мерак да одговара на прашања, еве нека одговори: Во што бил проектот закочен и што тие откочиле?
Кога се кај откочувањето, што не си ја откочат градинката ‘Мајски цвет’ во Тафталиџе 1? 45 дена откако е завршена и не ја пуштаат во употреба.
Им се заблагодарува на советниците. Веројатно знае дека истиот овој проект токму неговите советници од ВМРО-ДПМНЕ не го гласаа. И не знам на кој пратеник мисли, бидејќи од Карпош има двајца“, напиша Јакимовски.