Јакимовски се иззема од одговорност за зградата кај Воена болница – сите министерства дале дозвола


Фото: Б. Грданоски

Откако  „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ и Левица најавија протест за зградта кај Воената болница во Скопје, градоначалникот на Карпош Стевче јакимовски, со соопштение појаснува дека сите надлежни министерства дале дозвола за овој објект, а тој не е одговорен, затоа што надлежниста за одлуките ја пренесол на раководителите на Секоторот за урбанизам. 

– Општина Карпош во целост ги демантира наводите на двете независни советнички од „Независни за Карпош“ и на Левица. Имено, сите работи што ги кажуваат во врска со изградбата на станбениот објект во Карпош 3 до бензиската на Макпетрол, или како што тие ја именуваат како „седумнаесеткатницата“, се неточни, невистинити, обична манипулација и
бесчувствителна лага со цел ако може да се украде од народот некој евтин политички поен. Обична глупост е да се тврди дека оваа зграда ќе се гради на непостоечка локација – стои во соопштението.

Јакимовски вели дека за да се издаде градежна дозвола за некој објект најпрвин истиот мора да биде предвиден со Генералниот урбанистички план кој го носи Градот Скопје, а за овој слуачај, на оваа локација со истиот план уште од 2012 година, а кој е во важност до денес е предвидено домување.

– По носењето на овој план кој е од повисок ранг, локалната самоуправа донесе Детален урбанистички план во 2013 година и на оваа локација е предвидено колективно домување за што дале согласност Градот Скопје, министерството за транспорт и врски, министерството за култура, министерство за одбрана. Овој Детален урбанистички план, токму од овие луѓе е обжален на Уставен суд на Република Македонија, и нивната иницијатива највисокиот судски орган ја отфрли како неоснована – велат од Општината.

Велат дека има дури четири согласности за оваа локација од надлежното министерство, а кои се однесуваат на урбанистичкиот план и на идејниот проект кој бил доставен до нив.

– На 21 ноември 2023 година Управата за заштита на културното наследство издала согласност, а потоа од Националната установа „Конзерваторски центар –Скопје“ тричлена комисија позитивно се изјаснила на 27 декември 2023 година. Потоа и министерството за култура потврдува дека издадените согласности се согласно закон и пропишаниот образец.

Тврдат дека хеликоптери ќе може да слетуваат затоа што Министерството за одбрана на 8 ноември 2023 година дало позитивно мислење на идејниот проект. Исто така,  А.Д. „Макпетрол“ кои имаат бензинска во блзина на 31 јануари 2024 година се изјаснил дека нема никаква забелешка на оваа градба и се откажал од право на жалба.

Велат дека лага е дека градоначалникот Стевчо Јакимовски ја има потпишано градежната дозвола затоа што тој се откажа од овластувањата во урбанизмот и целокупната надлежност ја пренесе на раководителите на овој сектор на 15 август 2023 година.