Јакимовски размислува да се кандидира за претседател на државата


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски размислува да се кандидира за претседател на државата на следните редовни избори.

-Да се биде на одредена функција треба да се има многу искуство. Политичкото искуство е битна работа. Она што колеба е да видиме дали ќе има било какви промени во изборниот модел и во начинот на финансирање, во бројот на потребните потписи за кандидатура, рече Јакимовски во емисијата „Студио 10“.

Јакимовски направи споредба дека Србија има 7,5 милиони жители, при што 10 илјади потписи се потребни за претседателска кандидатура, а Македонија има 1,8 милиони жители и исто се собираат 10 илјади потписи.

-Мора да има одредена корекција за подобра понуда на претседателските избори. Не сум размислувал за темава со други. Добивам поддршка од граѓани, додаде градоначалникот.

Околу ставот дали треба да се размислува за избор на претседател преку Собранието и таму да се избира, Јакимовски порача дека „тие што го проповедаат тоа, подобро да немаат министерства со 450 вработени“.

-Годишно трошат отприлика 25 милиони евра. Ќе намалиме од таму малку и нема проблем. Го пропагираат за да биде пазар во Парламентот и тоа пред се е притисок од албанскиот блок на партии, смета претседателот на ГРОМ.