Јагма за советничките листи во Битола


За партиските членови престиж е да се биде на советничка листа и јавноста на тој начин да го перцепира локалниот политичар, ама она што е уште поважно е хонорарот од 19 до 20 илјади денари месечно

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – „Натпреварувањето“ кој ќе ќари советничко место на партиските листи во Битола кулминира. Во општинските ограноци на двете најголеми партии е вистинска мешаница, кој од чија лоби група ќе успее да влезе на листа и плус да биде во добитна комбинација. Преписките кој заслужува место на советничките листи, а кој не, се прелеаја и на социјалните мрежи, не само во партиските кулоари.
Познавачите на приликите во Битола велат дека за партиските членови престиж е да се биде на советничка листа и јавноста на тој начин да го перцепира локалниот политичар, ама она што е уште поважно е хонорарот од 19 до 20 илјади денари месечно, односно 70 проценти од просечниот личен доход во Македонија и секако сите „затскриени“ привилегии на идните советници, најважното вработувања за себе или за блиските во државни институции. Ваквата ситуација се провлекува од избори до избори и нема кој да стави крај на апетитите на членството. Па така и сега вистинска јагма е по советничките места на партиските листи.
Се лобира на големо, на партиските повици се пријавиле и „кадарни“ и „некадарни“ велат членови од двете најголеми партии во Битола. Кај актуелната власт едно од мерилата за ставање на листата е „партиципацијата“ во рушењето на Груевизмот.
Зоран Стојчевски, актуелен советник во битолскиот Совет од редовите на СДСМ кој патем поднесе и кандидатура до партијата за градоначалник јавно ги повика оние што лобираат за листата на советниците да кажат каде биле за време на режимот на Груевски.
-Некои ‘дечки’ во последно време како наближуваат изборите изразуваат невидени апетити да се најдат на листите на советници. Па, ‘дечки’ каде бевте кога се рушеше режимот? Колку протести и митинзи имавте зад себе, колку избори сте поминале и во лошо и во арно? Или, вие тогаш имавте друга работа или не бевте доволно возрасни?, коментира Стојчевски.

Мицкоски бара кандидат за градоначалник и ја крои советничката листа

Иста е ситуација и во таборот на ВМРО-ДПМЕ во Битола каде многумина ја имаат желбата да седнат во советничкото столче. Некои од нив беа советници и претходно, воопшто не учествуваа и не се вклучуваа на седниците, но желбата кај нив останува пак да се ќари советнички мандат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вторникот е во Битола за да најде кандидат за градоначалник кој ќе го освои градот, ама и да ја скрои советничката листа по свој ќеиф.
Битолчани коментираат дека актуелните советници со исклучок на неколкумина се раководеле по онаа народната „лежи лебу да те јадам“, односно повозрасните битолчани за ваквите советници ја раскажуваат анегдота за наш пратеник во Собранието на Социјалистичкиот сојуз кој за мандат од 4 години единствено дигнал рака само да праша – „кога ќе има пауза“.
За четири години од конституирањето на Советот голем дел од актуелните советниците не најдоа ни потреба, ни начин како да се оправдаат пред јавноста и да „гугнат“ барем збор-два од советничката говорница. Во битолскиот Совет официјално не водат евиденција кој советник колку бил активен и колкупати во својот мандат ја искористил говорницата, иако тоа е лесно да се утврди по стенограмите и видео снимките.
Граѓаните на Битола имаа очекувања од нивните претставници во Советот да покажат повисоко ниво на политичка зрелост, свест и култура, да покажат и одговорност и резултати кон тие што ги гласале.

Нови и стари коалиции

На прсти се бројат оние кои беа активно вклучени во работата на Советот во последните четири години. Политиките на власта ги бранеа претседателот на Советот Валентин Груевски од ЛДП, Менде Илиевски, Борче Корлевски и Емилија Костурска од СДСМ, додека пак од опозицијата најмногу во „напад“ беа Иванчо Тошевски, Анита Ангелевска, Борче Димитровски и Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ. Активност покажаа и независните советници од „Поинаку“, додека останатите до 31 советник кој повеќе, кој помалку се раководеа од единствената задача, дигање на два прста, за или контра точките на дневниот ред и го „прележаа“ мандатот.
За новите локални избори СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со коалициите ќе имаат свои листи. Но, овој пат и ЛДП со ДОМ кројат листа. Независната група „Поинаку“ веќе објави дека во рекордно време ги собрала потписите за листата каде носител ќе биде Габриела Илиевска. Независните ја почнаа и кампањата за претстојните избори, повторно со сеир. Се собраа на отворено, на местото каде што е започната градбата на затворениот базен во Битола и по крпи за бањање и на влечки, со гуми за пливање истераа мајтап на сметка на власта за ветениот, а нереализиран проект.
Познавачите на политичките прилики во Битола велат дека политичката клима во градот е толку сериозна што ќе им биде потребна конструктивна понуда на политичките партии и независните кандидати за да успеат да привлечат глас повеќе на своите листи. Времето на мајтапи и гледање сеир во Битола одамна помина со заминувањето на Христо Ѓоргиевски – Спанаќот, најупорниот независен кандидат за градоначалник.
Битолчани на овие избори нема да веруваат на интриганти во политиката без оглед дали доаѓаат од партија или од независни листи.