Јадранско море полно со отпад

Застапеноста на пластичниот отпад на дното на Јадранското  море е речиси најголема во Европа, по североисточниот дел на Медитеранот и Келтското море.

Отпадот на Јадранот доаѓа од околу четири милиони луѓе кои живеат покрај брегот, а тој број се зголемува речиси шест пати во текот на туристичката сезона, наведува меѓународен тим експерти во студија објавена во списанието „Марин Полушн Булетин“.

Како што се наведува, посебен проблем е тоа што станува збор за мало, плитко и полузатворено море кое со Средоземно море, кое исто така е полузатворено и загадено, е поврзано со Отрантските врати, широки само 80-ина километри.

Во јужните хрватските води најголем дел од отпадот, околу 90 отсто, доаѓа преку струите и ветровите, најмногу од Албанија.

Перо Тутман од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит (ИЗОР) вели дека од 70 до 80 отсто од отпадот во морето доаѓа од копното, додека останатиот стигнува преку морскиот транспорт, туристичките активности, наутичкиот туризам, рибарството.

– Медитеранот, за жал, е едно од најзагадениоте мориња затоа што е полузатворен базен, а гравитираат голем број земји со различни цивилизации. Тоа се бројни земји од Азија, Африја и Европа и за жал нивото на еколошката свест и однесување не е секаде на највисоко ниво, рече Тутман.

Инаку, пластиката во морето се разградува за 450 години, алуминиумските конзерви 200 до 500 години, дрвото 13 години, хартијата две до четири недели…