Ја прислушувал сопругата, заработил милиони преку инсајдерско тргување, но сега го тужи американски регулатор


Тајлер Лаудон, сопруг на вработена во британската нафтена компанија БП, е обвинет за тргување со инсајдери во САД поради користење инсајдерски детали што ги слушнал за време на телефонските повици на неговата сопруга додека таа работела од дома.

Американската Комисија за хартии од вредност (SEC) тврди дека Тајлер Лаудон заработил 1,76 милиони долари во незаконски профит. Регулаторот тврди дека Лаудон слушнал неколку разговори на неговата сопруга за преземањето на „TravelCenters of America“ од страна на БП и купил акции во таа фирма, соопшти Би-Би-Си, истакнувајќи дека БП одби да коментира.

Американската Комисија за хартии од вредност тврди дека Лоудон ги искористил условите за работа на далечина и довербата на неговата сопруга за да профитира од информациите за кои знаел дека се доверливи.

Неговата сопруга – менаџер за спојувања и превземања во БП – работеше на преземањето на TravelCenters од нафтениот гигант. СЕЦ соопшти дека Лаудон купил 46.450 акции на TravelCenters, без знаење на неговата сопруга, пред да биде објавен договорот во февруари минатата година.

По објавувањето, цената на акциите на TravelCenters порасна за речиси 71 отсто, а Лаудон наводно веднаш ги продал сите негови ново купени акции и остварил добивка, соопшти СЕЦ.

Во жалбата на регулаторот, за време на преговорите за договор меѓу TravelCenters и БП во 2022 година, Тајлер Лаудон од Хјустон, Тексас и неговата сопруга работеа во домашни канцеларии оддалечени помалку од 20 метри.

„Како резултат на тоа, тие често слушаа и беа сведоци на деловни разговори и видео конференции едни со други. Таа исто така работела на ова превземање кога парот престојувал во „мал Airbnb“ во Рим, се наведува во жалбата.

Неговата сопруга го оставила

БП ги прегледа нејзините мејлови и пораки и не најде докази дека таа свесно му дала информации за договорот на нејзиниот сопруг или дека знаела дека тој ги купил акциите. Но, „БП сепак го прекинала работниот однос со неа“, се наведува во поднесокот.

Според регулаторите, сопругата на Тајлер Лаудон се иселила од куќата и ги прекинала сите контакти со него. Во јуни таа покрена постапка за развод.

Лаудон ѝ признал на сопругата дека купил акции во TravelCenters откако Регулаторната управа за финансиската индустрија почнала да поставува прашања за договорот со БП и кој бил „во знаење“.

Според пријавата, тој рекол дека ги купил акциите бидејќи „сакал да заработи доволно пари за таа да не мора да работи долги часови“.

БП (поранешен Бритиш Петролеум) е британска мултинационална компанија за нафта и гас со седиште во Лондон. Таа е една од најголемите нафтени и воопшто светски компании, мерена според приходите и профитот.