Трпејца место Сен-Тропе: Марјана Станојковска е во топ-форма и во корона


Топ-моделот Марјана Станојковска е најтрофејна македонска убавица на светските избори за убавина. Во Куала Лумпур, Малезија, ја освои титулата мис тело на „Мис туризам интернешнл“, а во Кина – мис бикини на универзумот. Беше бринета, сега нè освојува како русокоса. Згодна, маркантна, висока 175 см, со идеални пропорции 90-60-90, е меѓу најангажираните јавни личности. Како водителка, исто така, не се симнува од ТВ-екраните. Секогаш дотерана и на високи потпетици. Во последно време е ангажирана во областа на маркетингот како инфлуенсер на социјалните мрежи.Постојано во улога на невеста на Саемот на венчаници во Скопје.

Пред новите професионални предизвици, ја одржува топ-формата во Трпејца, Охридско. На социјалните мрежи споделува фотографии од езерото, мајка си, но не и од дечкото, кошаркарот Пеце Наумовски.

Во претходно интервју за „Независен“ Марјана ни откри на што се должи нејзиниот успех и топ-изглед.

На што се должи твојот успех?

– Кога станува збор за изборите на убавина од светски ранг, би кажала дека жирито подеднакво обрнува внимание како на убавината, така и на карактерот и личноста на претставничките на земјите што учествуваат. Секако дека негативни поени кај нив носи секое доцнење на закажаните интервјуа и фотосесии, потоа неодговорност, дрскост, непридржување кон нивните правила за ред и мир, додека она што се цени и вреднува е сосема спротивното.

Што им советуваш на идните манекенки и топ-модели?

– Македонија изобилува со навистина многу убави девојки, кои би можеле да стојат рамо до рамо со моментално актуелните светски познати модели како Џиџи и Бела Хадид, Кендал Џенер, Каја Гербер… Сите оние девојки што сакаат да се занимаваат со манекенство можат да ги исконтактираат модните агенции кај нас кои би можеле да им овозможат шанса понатаму да соработуваат со некоја позната светска агенција и да направат кариера во модниот свет.

Фото: Б. Грданоски

Како ја одржуваш топ-формата?

– Изгледа дека најмногу е до генетиката. Меѓутоа, морам да споменам дека умереноста во исхраната игра голема улога и токму од таа причина никогаш во животот не сум применувала некоја ригорозна диета. Многу вежбам, комбинација од пилатес, аеробик, фитнес и една нова дисциплина кај нас – антигравити. Станува збор за исклучително интересна програма, спој од спортски и танцови движења изведени на висечко платно т.н. хамок. Сите овие 4 дисциплини имаат различни придобивки. Аеробикот е најдобра кардиовежба, пилатесот ми помага за ‘рбетниот столб, фитнесот е идеален за зголемување на мускулната маса и антигравити за подобрување на сите основни процеси во организмот.

Твојот стил на облекување е?

– Морам да признаам дека најудобно се чувствувам во маица, фармерки и во патики. Кој ги измислил патиките, алал да му е. Од друга страна, убаво се чувствувам и во гламурозно издание, како сега, во стилот на Мерилин Монро, како што ме препознава македонската јавност. (Л.С.)