Извршниот одбор на СДСМ го поддржа Стево Пендаровски за кандидат за претседател на државата


Извршниот одбор на СДСМ во проширен состав на денешната седница во Штип, ја разгледал информација за спроведената постапка за можни кандидати за претседателските избори и, како што наведуваат од партијата, по сите анализи, разговори и спроведени истражувања на јавното мислење, го поддржал Стево Пендаровски за свој кандидат.

-Пендаровски е победнички кандидат, близок со народот, ги споделува прогресивните вредности, со јасна визија за европска иднина на државата. Во досегашниот мандат Пендаровски го врати угледот, интегритетот и кредибилитетот на институцијата Претседател на државата и покажа што значи да се биде вистински претседател за сите граѓани. Пендаровски е претставник на сите наши граѓани без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност. Тоа е профилот на кандидатот кој и е потребен на државата и тоа е профилот на идниот претседател на државата, стои во соопштението од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.

Предлогот Пендаровски да биде претседателски кандидат на СДСМ треба да помине и на Централниот одбор на партијата и на Конгресот закажан за викендов.

Претходно, вечерва лидерот на партијата Димитар Ковачевски за телевизија „Сител“ изјави дека се очекува Пендаровски да биде промовиран официјално за претседателски кандидат на СДСМ на Конгресот на партијата закажан во недела, но откако одлуката за тоа ќе помине низ партиските тела – Извршниот и Централниот одбор.