Извршниот директор на „Фајзер“ умерен оптимист за ефикасноста на вакцината и за новиот мутиран вид на Ковид-19


Воздржан оптимизам изразува извршниот директор на компанијата Фајзер Алберт Бурла во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ, во однос на ефикасноста на вакцината за новиот мутиран вид на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Бурла вели дека треба да помине малку време за подобро да се разбере новиот вид што се развива и за околу две седмици ќе постојат конечни резултати.

-За околу две седмици ќе имаме доволно податоци од завршувањето на експериментите што ги правиме во моментов за да видиме дали вакцината против овој нов вирус е исто толку ефикасна, или повеќе или помалку ефикасна, вели Бурла и додава дека доколку сепак биде потребно да се направат измени во вакцината, тоа ќе биде релативно брзо, но истакнува дека е умерено оптимист дека нема да биде потребно.

Во интервјуто за грчката државна телевизија потенцира дека набргу ќе има „враќање во нормала“, но додава дека дотогаш треба сите да ги почитуваат превентивните мерки.

-Во овој момент, решенијата што ги имаме во раце се толку ефективни што е прашање на време да стигнеме до крајот, истакна извршниот директор на Фајзер.