Извозот на овошје и зеленчук од Западен Балкан во ЕУ и во наредните пет години без царина


Производителите и извозниците на овошје и зеленчук од Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија и во следните пет години ќе продолжат да ја продаваат својата стока без царини на купувачите во Европската унија, јави дописникот на МИА од Белград.

Одлуката на Европската унија за Автономни трговски мерки (АТМ) со која до крајот на 2025 година се продолжуваат досегашните трговски повластици за извоз на производи што не се опфатени со Договорот за стабилизација и асоцијација (СПП), или за кои ССП е понеповолен, беше објавена во Службениот весник на ЕУ и стапува на сила утре. Одлуката, која се обновува на секои пет години, на предлог на Европската комисија, ја донесе Европскиот парламент и ја потврди Советот на ЕУ.

-Поповолен трговски режим, за чие проширување се залагаше заедничката трговска комора од регионот во комуникација со институциите во Брисел, е особено важен за малите и средни претпријатија – производители и извозници на овошје и зеленчук од свежи јаболка и сливи до слатка пченка. Заштедите од неколку десетици милиони евра царина им даваат предност во однос на конкуренцијата, можност за поголем извоз и заработка и подобро позиционирање на големиот пазар на Европската унија, изјави Марко Чадеж, Стопанската комора на Србија и на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан.

Покрај јаболка, сливи и слатка пченка, без царински товар, во следните пет години, од Западен Балкан ќе се извезува во ЕУ, меѓу другото, компири, тиквички, печурки, грозје, кајсии, цреши, вишни, нектарини, праски, јагоди, орашасти производи, дињи и разни агруми… Според АТМ и на производителите на вино од регионот, им се продолжува можноста за извоз на дополнителни 30 000 хектолитри годишно, откако ќе се искористат квотите одобрени од ЕУ за економиите на Западен Балкан поединечно, согласно билатералните договори.