Извоз на медицинска опрема од ЕУ на Балканот само со посебна дозвола


Фото: Б. Грданоски

Европската Комисија денеска потврди дека и западниот Балкан ќе мора да добие посебни дозволи во случај на извоз на медицинска опрема од ЕУ кон регионот, како што е предвидено за било која земја вон ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова го потврди портпаролот на Европската Комисија, Ерик Мамер, на прашање од австриски медиум дали посебниот режим на извоз важи за Западен Балкан со оглед на тоа дека огромен број медицински работници од регионот емигрираа токму во земјите на ЕУ, а државите на Западен Балкан располагаат со помалку ресурси во справувањето со пандемијата на Ковид-19.

-Не станува збор за забрана, туку за режим на авторизација, но тоа е тоа што е воведено, земјите членки на ЕУ имаат можност да одлучат дали ќе извезат материјали, потврди Мамер.

Европската Унија воведе ново правило по итна постапка денеска со кое „заштитува“ медицинската опрема, како маски и ракавици, за да се обезбедат доволни количини за земјите на ЕУ.  Оваа опрема е витална за медицинскиот персонал кој се наоѓа во непосреден контакт со заразените.

Одлуката важи шест недели за извоз кон било која трета земја.