Извлечено уште едно тело од несреќата на Дунав


Унгарија – Спасувачките тимови извлекле тело на уште една жртва од минатонеделната несреќа на Дунав во Будимпешта, соопштија антитерористичките единици ТЕК, задолжени за спасување.

Телото било откриено во прозорот на туристичкиот брод кој потона при судирот со крузерот во вторникот попладне.

– Спасувачките тимови вложуваат максимални напори и покрај многу ризичните временски услови и прават сè со цел операцијата да биде успешна, се наведува во соопштението.

Полицијата на Будимпешта на својата официјална интернет страница објави дека е извлечено уште едно тело на јужнокорејски турист од Дунав, кај едно село оддалечено околу 60 километри од местото на несреќата.

Се информира дека во понеделникот биле извлечени тела на две жртви.

При судирот со крузерот, туристичкиот брод се преврте и потона, а од 33 јужнокорејски патници и двајца членови на екипажот, спасени се седум лица.

Загинаа 11 луѓе, а 17 сè уште се водат како исчезнати.