Известувачот Томас Вајц е во земјава. Беше примен од Сиљановска
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, придружуван од шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас.
Како што соопшти кабинетот на шефицата на државава, на средбата се разговарало за македонската европска интеграција, можностите и условите за деблокада на нашиот пристапниот процес, како и за политиката на проширување на Европската Унија, низ призма на геополитичките закани и употребата на ветото.
Сиљановска-Давкова ги поздрави обидите и напорите за објективен пристап во известувањето на Вајц, како и неговиот јасен став став дека билатералните прашања треба да бидат одвоени од формалниот процес на пристапување кон Европската Унија.
Претседателката посебно укажала на членовите 4(2) и 4(3) од Договорот за Европската унија, во коишто се предвидени почитувањето на националниот идентитет, уставните и политичките структури, како и обврската на земјите – членки за искрена соработка и не поткопување на целите на ЕУ, констатирајќи дека злоупотребата на ветото и билатералните условувања врзани со идентитетот, историјата и јазикот, се во судир со овие одредби.
Вајц објаснил дека има неутралност и посветеност на процесот, укажувајќи на реалната доминација на политиката и рекол дека се потребни пријателски чекори од Софија и Скопје.