Извештајот на Стејт департментот најдобар за десет години, вели претседателот


Фото: Б. Грданоски

Наспроти критиките од претставници на ВМРО-ДПМНЕ дека извештајот на Стејт департментот содржи сериозни критики за Владата околу корупцијата, судскиот систем и медиумите, претседателот Стево Пендаровски денес излезе со сосема спротивен став. Според него извештајот на Стејт Департментот објавен пред два дена е „најдобриот што го добила Македонија во изминатите десет години“, додавајќи дека единствена негативна забелешка е во делот на високата корупција. Како напредок тој го посочи и фактот дека оценката за постоењето цензура во медиумите не се врзува со притисок од политиката, т.е. власта.

Во извештајот на Стејт Департментот стои дека главни проблеми се корупцијата на високо ниво и насилството кон ЛГБТ заедницата, но се додава дека Владата презела чекори  да ги идентификува, истражи , гони и казни функционерите кои сториле злоупотреби, нешто што не постоеше претходно. Исто така стои оценката дека бројот на притвори во 2019 година  е намален за половина споредено со 2015 година , и покрај многуте покренати случаи од СЈО.

-Владата покажа поголем респект за судската независност и непристрасност споредено со претходните години, стои во извештајот на САД, со дополнување дека земјата покажува континуирана решеност да го унапреди судството, испорачувајќи пресуди околу случаите со висока корупција покренати од СЈО. Притоа се споменува дека станува збор за 20 случаи кои поради разни процедурални одлагања не се завршени и траат подолго од вообичаените судски процеси на јавните обвинителства, така што има пресуди само за две. Притоа се споменуваат разрешувањата на судиите поради манипулирањето на системот за автоматско делење случаи , како и обвинението против Владимир Панчевски, разрешувањето на Јово Вангеловски, судењето на Катица Јанева и пресудите за 27 април. Во извештајот стои дека Владата генерално го применува законот за казнување на високата корупција , но дека има извештаи за функционери инволвирани во корупција, дел како резултат на тоа што Владата има доминантна улога во економијата. Притоа се преставува работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и се споменува отворањето на случајот за вицепремиерот Кочо Анѓушев.

За споредба во извештајот за 2016 година стои дека многу медиуми ја обвиниле Владата дека не ја почитува слободата на говорот,а меѓународните организации во однос на медиумските слободи дале оценка за Македонија дека „не е слободна“. За корупцијата стои дека постои неказнивост за функционерите инволвирани во корупција, при што се набројуваат сите опструкции на работата на СЈО и амнестиите на експретседателот Ѓорѓе Иванов за обвинетите за криминал од ова обвинителство.

(С.Ј.)

Фото: Б. Грданоски