Извештајот на ЕК да се смета како водич, а не како критика, вели францускиот амбасадор

Најверојатно преговарачката рамка ќе биде брзо усвоена и сите се надеваме дека ќе се случи меѓувладината конференција. Но, во моментот кога ќе треба да почнат преговорите, владеењето на правото ќе биде најважната точка, вели францскиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Тој оцени дека со Бугарија може да се најде решение, ако има доба волја од двете страни.

-Работите треба да се гледаат долгорочно. Тоа е од заемен интерес за двете земји, особено за да може тој пат да се изоди до Европската унија. Но, потоа ги имаме прашањата поврзани со внатрешната политика во двете земји. Не го велам ова за да ја потценам внатрешната политика, но внатрешната политика има емоции поврзани со историски прашања, со идентитетот, кои се многу силни и кај едните и кај другите. Затоа ќе кажам дека сето ова не треба да се искористува, да се манипулира за да се избегнуваат другите прашања. Постои една реалност поврзана со историските прашања зашто историјата на Балканот е сложена и треба да се продолжи да се разговара. Досега разговорите се водеа во пријателски дух  со кој се постигна и Договорот од 2017 година. Треба да се продолжи на тој пат, а ние како дипломати не забележуваме дека има нешто што би можело да биде невозможно за решавање ако се изнајдат соодветни формулации кои ниту за едната, ниту за другата страна не би претставувале непремостливи пречки, особено во поглед на јавното мислење, рече Тимоние во интервју за ТВ Сител.

Според него, треба да се работи со повеќе разбирање за историјата, но и за науката .

-Ќе треба секој да може да си ја раскажува својата историска приказна, но од друга страна да не се потценува чувството на другиот.  Ако има доба волја и блискост од двете страни, би можело да се најде решение, нагласи амбасадорот.

Извештајот на ЕК, укажа Тимоние, треба да се смета како своевиден водич, а не како критика. Реформите се важни за да се постигне што поефикасна, посилна и поблиска држава до граѓаните.

На прашањето до каде е преговарачката рамка за земјава, Тимоние одговори дека се уште се разговара.

-Се работи на таа тема, има дискусии меѓу државите членки, за се тоа се преговара во Брисел, тоа е вообичаена процедура. Секој го кажува тоа што смета дека треба да го каже. Но, сепак, очигледно е дека навистина даваме големо зналење на владеењето на правото и тоа ќе биде многу важен аспект, нагласи Тимоние.