Извештај: Речиси 600 договори за јавни набавки се склучени без објавен оглас

Влошување на конкуренцијата во јавните набавки, големи тендери кои не се делат, зголемување на бројот поништени тендери се само дел од забалешките кои се нотирани во најновиот Извештај од редовниот мониторинг на јавните набавки во земјава (за периодот јули-декември 2018 год.).

Според извештајот зачестено се спроведуваат големи тендери кои не се делат на делови, и со тоа се оневозможува конкуренција помеѓу фирмите, односно се доведува во прашање рационалното и ефикасното искористување на средствата.

Исто така, конкуренцијата во јавните набавки во второто полугодие од 2018 година е влошена во однос на првото полугодие. Гледано на годишно ниво, во дури 32% од мониторираните тендери е добиена само една понуда.

Извештајот нотира дека зголемена е примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Во 2018 година се склучени вкупно 596 договори без објавување оглас, во вредност од 33 милиони евра, што е за 4 милиони евра повеќе од 2017 година.

Продолжува да расте бројот на тендери што се поништени. Во 2018 година, целосно или делумно се поништени 27% од сите постапки за јавни набавки, што претставува раст од 3 процентни поени во однос на претходната година.

Спроведувањето на јавните набавки од локално ниво се карактеризира со истите проблеми како години наназад: ниска конкуренција, многу тендери со по еден понудувач, висок процент на поништени тендери и стари, лоши, практики.

Во 2018 година, фирмите доставиле 695 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки, што претставува зголемување во однос на претходната година за дури 37 отсто.
Најновата анкета меѓу фирмите покажува дека најчест проблем со којшто се соочуваат фирмите во јавните набавки и натаму е “најниската цена” како единствен критериум; Задоцнетото плаќање падна од втор најчест проблем лани, на осмото место годинава, иако сè уште просечно се чека по 6 месеци и 12 дена за наплата на побарувањата за завршените набавки; 48 отсто од фирмите сметаат дека “секогаш” или “често” има корупција во јавните набавки; Просечната оценка со која фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава изнесува 2,87, што е незначителен пораст во однос на лани кога оценката беше 2,85.

Извештајпт го оизработува Центарот за граѓшански комуникации.